ПОКАНА ЗАСЕГА НЕМА: Заев не сака приклучување во Евроазиската унија
На памет не ни паѓа да се приклучуваме, изјави денеска премиерот, Зоран Заев, за тоа дали до Владата стигнала покана за приклучување во Евроазиската унија.
Заев вели дека Европската унија е единствената опција за Македонија и дека друга алтернатива нема.
„Нема таква покана, најверојатно има одбрамбен мембрана ѕид околу Владата кој не брани од таква покана. На памет не ни паѓа да се приклучуваме и се надевам таква покана нема ни да стигне“ – рече Заев.
Русија ги покани Македонија и Албанија во Евроазиската унија.
Постојаниот претставник на Русија во Европска унија, Владимир Чижов, им упати покана на двете земји да ѝ се придружат на Евроазиска економска унија (ЕЕУ) за време на Евроазискиот економски форум во Верона.
„Двете држави побрзо ќе наидат на разбирање во ЕЕУ отколку во ЕУ“, смета рускиот дипломат.
Руската покана за балканските земји да ѝ се приклучат на ЕЕУ се случува десет дена по ветото од францускиот претседател Емануел Макрон за почеток на преговори на ЕУ со Македонија и со Албанија.
Во 2018 година Иран склучи договор за слободна трговија со ЕЕУ, каков што на 26 октомври потпиша и Србија.
ЕЕУ е формирана во 2015 година и во неа членуваат Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан.