Поевтина регистрација на странски возила, им треба и зелен картон: Изгласан законот
Собранието го изгласа Законот за регистрација на возила со странски регистарски таблици.
Предвидува сите возила кои заклучно 1 октомври 2020 година влегле на територијата на Северна Македонија и се со странски регистарски таблички да можат во рок од една година да се регистрираат во земјата со намалени давачки за 50 отсто од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз од страна на надлежните државни органи.
Предлог-законот стапува на сила 20 дена откако ќе биде објавен во Службен весник, по усвојување од Собранието.
Фактор веќе објави дека возилата, за кои е поднесено барањето за регистрација задолжително треба да ги исполнуваат следните услови - сопственикот или корисникот, односно лицето овластено за отуѓување на возилото или лицето кое ќе го купи возилото да ги има регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и да поседува важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон, а возилото да е влезено на територијата на Република Северна Македонија до 1 октомври 2020 година.
Сопственикот или корисникот, односно лицето овластено за отуѓување на возилото или лицето кое ќе го купи возилото треба да поднесе барање за регистрација но и следните писмени докази.
1.потекло на возилото,
2.сопственост на возилото,
3.регулирани царински и даночни обврски за возилото,
4.потврда за сообразност или согласност за регистрација, ако се работи за возило за кое треба да има таква потврда или согласност согласно со одредбите од Законот за возила,
5.техничка исправност на возилото, освен за возило за кое техничкиот преглед не е задолжителен, согласно со членот 50 од Законот за возила,
6.запис од измерени вредности од емисиите на издувни гасови на возилото,
7.запис за техничката исправност на системот за сопирање на возилото,
8.запис за техничката исправност на системот за управување на возилото,
9.извршено осигурување, платени такси, регулирани давачки на име надоместоци за користење на јавните патишта и за заштита на животната средина и други обврски пропишани со закон,
10.извршена одјава на возилото од надлежниот орган во кој е извршена претходната регистрација,
11.статус на возило со историска вредност (олдтајмер) и
12.АДР сертификат за извршено испитување на возило за превоз на опасни материи во патниот сообраќај.
