Поднесено обвинение против полицаец кој нудел поткуп на сведок на Јанева
Вработено лице во Министерството за внатрешни работи е осомничен дека нудел поткуп на лице за да се појави како сведок и да даде одреден исказ.
Од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднеле обвинение против службеното лице за сторено кривично дело – незаконито влијание врз сведоци.
„По поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против едно лице вработено во МВР, а за сторено кривично дело незаконито влијание врз сведоци, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ги презеде сите потребни дејства за утврдување на фактите во предметот. Притоа е утврдено дека постои основан сомнеж дека осомничениот го сторил кривичното дело што му се става на товар, односно дека нудел поткуп на едно лице, а за да се појави како сведок во постапка пред суд и да даде исказ во определена насока“, стои во соопштението од Обвинителството.
Обвинението денеска било поднесено до Основниот суд Скопје 1.
Кривичната пријава против полицаецот, поднесена од Министерството за внатрешни работи, е една од седумте пријави поднесени деновиве, од кои три беа против обвинители од Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева.
