Економија, финансии, бизнис

Контакт

Подемот на СИРИЗА и неопходноста од промени: Грците му велат добредојде на Робин Худ!

Подемот на СИРИЗА и неопходноста од промени: Грците му велат добредојде на Робин Худ!

Грчкиот долг и исполнувањето на обврските кон меѓународните кредитори остануваат на товар на Грција независно од тоа кој ќе победи на изборите. Прашањето е како идната влада ќе се справи со обврските за да успее да ја одржи Грција на нозе, вели во интервју за Фактор новинарот Миркица Поповиќ.  Дописничката на новинската агенција МЕТА од Атина, смета дека  Алексис Ципрас нема магично стапче кое ќе ги реши проблемите преку ноќ.  

„Народот има потреба од промени. Промени на политичките лица кои се на власт во државата веќе три децении, промена на начинот на кој функционира државата и политичкиот систем, потреба да се стави крај на корупцијата, на нефункционалната јавна администрација, но и да се стави крај на финансискиот товар со кој живеат. Сириза со своите ставови  се постави како ликот на таа промена“, оценува Поповиќ.  Во однос на спорот со името, официјалниот став на партијата на Ципрас  останува согласно  со грчката црвенија линија за сложено име со географска одредница.

„Потенцијалната влада на СИРИЗА не се знае колку ќе има време и простор да се занимава со спорот за името, главните проблеми и прашања повторно ќе бидат финансиските проблеми“, оценува Поповиќ.

 Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: Како грчките медиуми ги покриваат предизборните кампањи на партиите?

slika (1)Миркица Поповиќ: Секој од медиумите одвојуваше доволно простор и за Нова демократија и за СИРИЗА, меѓутоа голем дел од медиумите, весниците и телевизиите во првите недели од изборите главно покажуваа поддршка на предупредувањата на Нова демократија дека со влада на СИРИЗА Грција ќе оди кон пропаст. Бројни беа и коментарите и анализите во медиумите кои испраќаа порака до граѓаните дека треба да земат во предвид што се е постигнато до сега и да не дозволат Грција наместо напред да почне да се враќа назад и да загуби се што е постигнато до сега.

Дел од нив полека при крајот почнаа да ја менуваат реториката. Ако на почетокот голем дел од медиумите кои се сметаат за традиционално медиуми во центарот кои ги поддржуваат Нова демократија и ПАСОК прикажуваа анкети каде СИРИЗА губеше од рејтингот и се намалуваше разликата меѓу неа и Нова демократија, оваа последна недела се зголеми бројот на медиумите кои покажуваат поголема разлика и повисок рејтинг на СИРИЗА во споредба со претходно. На пример ако на почетокот во скоро сите анкети се покажуваше водство на СИРИЗА од 3-4 отсто пред Нова демократија, последните анкети покажуваат водство од 6-7 отсто за левичарската партија.

„СПОРОТ СО ИМЕТО НЕ БЕШЕ ВО ФОКУСОТ НА ИЗБОРНАТА КАМПАЊА“

Фактор: Колку спорот со името  беше тема за време на изборната  трка ?

Миркица Поповиќ: Спорот за името сосема бледо се појави во предизборната кампања, бидејќи не се гледа како  пресуден фактор за поголем рејтинг меѓу народот односно тема на која сериозно може да се освојат голем број гласачи како што беше случај во 90-тите, ниту е тема која во моментов сериозно ја засега грчката јавност. Македонско-грчкиот спор се спомна во мал бој случаи, Нова демократија ја искористи за да ја обвини СИРИЗА за предавнички ставови и прифаќање на македонски јазик со цел да се покаже себеси како чувар на националните интереси за ова прашање и да го изделка рејтингот на левичарите, а СИРИЗА пак ја искористи само за да покаже дека главно останува на црвената линија за сложено име со географска одредница. Темата ја покрена Нова, за напад го искористи моментот што СИРИЗА на своите кандидатски листи го има Михалис Тремопулос од партијата на Зелените, обвинувајќи го Алексис Ципрас дека се здружува а со тоа и поддржува ставови на човек кој присуствувал на презентацијата на македонскиот буквар и признал постоење на македонски јазик, што е неприфатливо според грчката црвена линија.

Одговорот на СИРИЗА беше контранапад кон Андонис Самарас со обвинување дека токму поради неговите позиции во 90-тите Грција се уште е заглавена со овој проблем и во моментов се наоѓа и во неповолна позиција бидејќи Македонија е признаена под уставното име од огромен број држави во светот. Во обид да се тргне етикетата „предавници“ која им ја наметнува Нова демократија, Ципрас потсети дека доколку останатите партии во 90-тите ја послушале СИРИЗА да се прифати пакетот Пинеиро до сега спорот ќе бил решен и тоа по поповолни услови за Грција. Вториот случај во кој слушнавме за спорот за името беше при изборниот митинг на Самарас во Солун, каде досегашниот грчки премиер емотивно говореше колку регионот Македонија лично му значи и испрати директна порака и до другите грчки партии, но и до македонската влада дека Нова демократија нема да дозволи Грција преговара за нејзината историја, идентитет и јазик.

Во суштина и двете партии остануваат поддржувачи на веќе познатата црвена линија, име со географска одредница, за кој реално и постои консензус меѓу најголемиот број грчки партии. Сепак,  економијата и финансиските проблеми и натаму остауваат топ тема и проблем број еден за грчкиот народ, поради што изборните копја главно се кршеа на овој фронт. Народот го интересира како да ги плати сметките, воопшто и не седнува при секојдневните проблеми да размислува за спорот за името.

„ПОДЕМОТ НА СИРИЗА Е РЕЗУЛТАТ НА ПОТРЕБАТА ОД ПРОМЕНИ , ЦИПРАС СЕ  ПОИСТОВЕТУВА СО МОДЕРНИОТ РОБИН ХУД“

Фактор:  На што се должи огромна поддршка која ја ужива радикално левичарската партија Сириза?

Миркица Поповиќ: Народот има потреба од промени. Промени на политичките лица кои се на власт во државата веќе три децении, промена на начинот на кој функционира државата и политичкиот систем, потреба да се стави краЈ на корупцијата, на нефункционалната јавна администрација, но и да се стави крај на финансискиот товар со кој живеат. Делуваат заморени од владеењето, истите фрази, реторика и говори од ПАСОК и Нова демократија, каде лицата не се менуваат само се рециклираат од една партија во друга. Не помагаат ниту внатрешните несогласувања во партиите, ниту одлуката на Нова демократија да внесе попопулистички политичари од ултра-десничарките кругови. Сириза со своите ставови  се постави како ликот на таа промена.

Ципрас се гледа како модерниот Робин Худ  кој им пркоси и ќе им се спротивстави на политичките елити и големите капиталистички интереси, со цел да го врати суверенитетот на државата и да ги пресече конците кои ја држат Грција како марионета во рацете на големите ЕУ лидери. Популарноста на Сириза почна да расте полека од 2011, во периодот со големите тримесечни народни протести на Синтагма. Рејтингот неочекувано рипна во 2012, избори на кои оценката беше дека народот гласа за да ги казни двете големи партии за одлуките за мерките за штедење и отежнувањето на финасиската состојба во државата и поради тоа и дава поддршка на Сириза.

Многумина во неа го гледаат спасот од мерките за штедење, тие се единствената партија која ветува крај на финансиската голгота и во неа гледаат можност да им се каже не на условувањата и притисоците од ЕУ и крај на политиичките интереси на Нова демократија и ПАСОК. Ако во 2012 беа поскептични за тоа што може да донесе СИРИЗА, која беше широка коалиција на голем број левичарски политички единици, денес со огромната поддршка која ја има Ципрас од лидерите на европската левица полека почнуваат да му веруваат дека ќе се обиде да направи некаква промена, да биде почетокот и на промените во Европа и крајот на владеењето на политичките елити.

„ГРЦИЈА ЈА ОЧЕКУВА ПЕРИОД НА ЕКОНОМСКО ЗАЗДРАВУВАЊЕ БЕЗ РАЗЛИКА КОЈ ЌЕ ЈА ФОРМИРА НОВАТА ВЛАДА“

Фактор:   Што ја очекува Грција по 25 јануари - економско заздравување или понатамошно финаиски и социјално тонење ?

Миркица Поповиќ: Грчкиот долг и исполнувањето на обврските кон меѓународните кредитори остануваат на товар на Грција независно од тоа кој ќе победи на изборите. Прашањето е како идната влада ќе се справи со обврските за да успее да ја одржи Грција на нозе. Ципрас најавува ново преговарање за долгот и напуштање на стегите на ЕУ. Ова создава неизвесност во која насока ќе одат работите, иако светските лидери најавија дека ќе продолжат со разговорите со Грција независно од тоа кој ќе формира влада. Доколку повторно се формира влада на Самарас може да се очекува само продолжување на досегашната политика. Проценките се дека и покрај интересот од инвеститорите и досегашните ветувања за конечно застанување на нозе, Грција има долг пат за економското закрепнување пред себе.

Фактор:  Дали  граѓаните се подготвени да и се вратат на драхмата како валута и што ќе значи ова за ЕУ и за земјите од соседството?

Миркица Поповиќ: Топката за вакво сценарио за враќање кон драхмата малку е спуштена. Ципрас   дециден дека не му е во план Грција да ја напушти еврозоната, иако Самарас тврди и се заканува дека доаѓањето на СИРИЗА на власт ќе значи сигурна катастрофа и враќање кон драхмата. Уверување дека Грција нема да ја напушти еврозоната дојде и од највисокото ниво на ЕУ и ММФ непосредно по вестите во германските медиуми дека ЕУ се подготвува да се соочи со шокот од излез на Грција од еврото поради потенцијална влада на СИРИЗА. Економски уште понестабилна Грција не оди во прилог ниту на ЕУ, ниту на Балканот.

„ЦИПРАС ГО ИРИТИРА НАЦИОНАЛИСТИЧКАТА РЕТОРИКА НА МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА“

Фактор:  Дали лидерот на Сириза како можен иден премиер на Грција ќе има поголем слух и подготвеност на решавње на спорот со името или политиката на Атина  во однос на Скопје дополниотелно ќе биде зациментиран  во однос на условите за рашање на дводеценискиот спор?

Миркица Поповиќ: Ципрас нема магично стапче кое ќе ги реши проблемите преку ноќ. Иако  голем број од членовите на СИРИЗА имаат поголемо разбирање за проблемот и поумерени ставови, официјалниот став на партијата во моментов останува согласност со грчката црвенија линија за сложено име со географска одредница.  Потенцијална влада на СИРИЗА не се знае колку ќе има време и простор да се занимава со спорот за името, главните проблеми и прашања повторно ќе бидат финансиските проблеми.

Не треба да се заборави дека партијата постојано е на мета на Нова демократија  за наводни предавнички ставови во врска со името, кусо по случајот кога Нова демократија ја нападне дека нејзиниот член Насос Теодоридис во интервју слободно не именувал како Република Македонија СИРИЗА ги проретчи изјавите околу проблемот за да не губи поддржувачки за ова прашање. Ципрас од 2012 по бројните напади од Нова демократија значително ја заостри реториката кон македонската влада. Лидерот на СИРИЗА остро ги критикува националистичките и иредентистичките тенденции на македонската влада поради што не може да се каже со сигурност дали би можел полесно да најде заеднички јазик и разбирање околу пршањето со неговите македонски соговорници.

Уште еден елемент на кој треба да се обрне внимание е дека потенцијалната влада на СИРИЗА како своја опозиција ќе ги има и Нова демократија и најверојатно Златна зора кои може да ја опструираат во обидот за позачестени средби и размислувања за отстапки од познатите грчки ставови. Поради ова под знак финансиските и под знак прашалник е колку Ципрас кој две години чекаше да дојде до власт ако конечно стане премиер би сакал веднаш да отвори и да решава чувствително прашање кое може да му наштети на рејтингот. Можеби ќе има расположение за средби, но веројатно под услов македонската влада да ја напушти или релаксира националистичката реторика.

Слично

Поврзани вести