Поддршка и реакции од Партиите за „Титаник“ на СЈО
Не стивнуваат реакциите и поддршката која Специјалното јавно обвинителство ја добива од политичките партии во земјава.
Храброста и одлучноста на специјалната обвинителка доби поддршка од Партијата за демократски просперитет .
Од оваа партија ја поздравија акцијата на СЈО и нејзиниот тим за справување со организираниот криминал согласно договореното меѓу четирите најголеми политички партии во Пржино.
„ПДП се надева дека притисоците од одредени личности и политички партии врз работата на специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим дефинитивно ќе престанаат и така ќе овозможуваат тимот професионално и во рамките на Уставот и законите да ја врши својата работа. ПДП исто така повикува на почитување на презумцијата на невиност на лицата кои се осомничени од страна на Специјалното обвинителство“, се вели во партиското соопштение.
Либерално демократската партија пак побара да се формира специјален суд нагласувајќи ја потребата од процесуирање на обвиненијата на Специјалнотo јавно обвинителство.
- Укажуваме на потребата од итно дополнување на Договорот од Пржино со формирање на Специјален суд, со помош на меѓународната заедница, кој ќе ги почитува стандардите на транспарентност, независност и владеење на правото, стои во денешното соопштение од ЛДП.
И ДУИ ја поддржува работата на СЈО.
Вчера потпретседателот на оваа партија Беким Незири за Алсат-М апелираше до сите политички партии во Македонија без разлика дали се македонски или албански политички субјекти, да не ја искористуваат работата на Специјалното обвинителство за дневно политички настани. „Ние стоиме зад секоја одлука која ќе биде донесена согласно со законите во Република Македонија на Специјалното обвинителство“, истакна тој.
Oд партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ засега немаат коментар за „Титаник a лидерот Никола Груевски вчера избега и не сакаше да даде изјава.
Од СДМС пак велат дека: „Независната институција Специјално јавно обвинителство работи согласно законите во Република Македонија. Специјалното јавно обвинителство е формирано како резултат на Договорот од Пржино, којшто беше потпишан од четирите партии, и избрано со огромно мнозинство во Собранието на Република Македонија. Граѓаните очекуваат дека ќе се врати довербата во правосудниот систем во Република Македонија. Секој оној којшто ги прекршил Уставот и законите во Македонија мора да понесе одговорност“.
