Под Маркови Кули, мегдан на економските политики на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ!
ВМРО ДПМНЕ синоќа отвораше индустриска зона Прилеп, СДСМ го одржа еден од најсилните митинзи.
Владата постави камен темелник на печатница Министерот за финансии, Зоран Ставрески, го постави камен-темелникот за изградба на печатница. Општина Прилеп на електронска аукција ги продаде сите 21 парцела во зоната која е со површина од околу 50.000 квадратни метри. -Тие се крвотокот на економијата, создаваат работни места. Ги почитуваме сите што вложуваат во вакви тешки времиња - истакна Ставрески, оценувајќи дека со индустриските зони и слободната економска зона Алдинци за странски инвестиции, ќе дојдат подобри економски времиња за Прилеп. Кога целосно ќе профункционира, во зоната ќе работат околу 2.000 прилепчани. „Она што го побараа бизнисмените од нас како влада и од локалната власт и го добија – тоа е да се овозможи цената на земјиштето да биде најниска можна, да бидат комунлаиите намалени, да нема административни пречки за развој на бизнисот, на нас ни се домашните инвеститори многу битни тие се крвоткот на економијата“ изјави Зоран Ставрески. Во прилепско, според Владата се планирани уште една индустриска и една слободна економска зона. Црвенковски повика да се казни Груевски Вечерта, пак СДСМ, и лидерот Црвенковски од Прилеп порача да се искористи оваа прилика, да се поразат политиките на власта. - На 24 март победете два пати, прво победете за локалната власт, на овие локални избори ја посакувам победата во секој град, но ако негде ми се наполни душата и срцето, тоа ќе биде со победата токму во Прилеп, затоа што Прилеп секогаш бил и секогаш ќе биде предвесник за сите други. Најмногу личи овде победата, затоа што кога во Прилеп ќе победиш знаеш, сигурен си дека победата доаѓа во цела Македонија. Затоа што во Прилеп излегуваме со супер кандидат, злато човек, горд сум што имаме таков човек и сигурен сум, како што ние се гордееме што го предлагаме, убеден сум дека вие уште повеќе ќе имате гордост со вашиот нов градоначалник Хари Локвенец, рече Црвенковски на вечерашниот митинг во Прилеп. Економските проекти на Локвенец Претходно Хари Локвенец, пред прилепчани ги претстави своите проекти. Со 500 микроакумулации рече тој се отвора можност за брз економски развој. „Микроакумулациите се стратешко, долгорочно, планско и техничко решение кое ќе овозможи наводнување на земјоделското земјиште во нашата Пелагонија. Имаме дефинирано повеќе од 500 профили за изградба на микоакумулации. Сакаме да опфатиме 40 милиони метри кубни вода во акумулациите, со која ќе може да се наводнуваат 20 илјади хектари земјоделско обработливо земјиште. Ова е крупен зафат кој ќе биде голем предизвик. За секој индивидуален земјоделец, за сите физички и правни лица, дури и за странските инвеститори. На сите нив на располагање ќе им ги дадеме сите технички информации за микроакумулациите. Покрај тоа општината ќе користи средства од буџетот, фондови, донации и кредити за изградба на микроакумулации“ вели Локвенец.„Идејата на вториот проект е Маркови Кули да ги искористиме како економски потенцијал. Марковите Кули ќе ги внесиме во листата на УНЕСКО. Ова подрачје погодно за туризам и рекреација е од непроценливо природно и културно богатство. Треба да го понудиме на домашната и странската јавност. За таа цел ќе изградиме соодветна туристичка инфраструктура: Средновековен пат: Прилеп – Дабница – Манастир Трескавец, Северо-Источна заобиколница околу Марковите Кули, набљудувачници и амбиентални пунктови. Ќе организираме алтернативни облици на туризам: Културен, манастирски, селски, туризам за геолошки содржини, алпинизам, и научен туризам, изјави за Фактор кандидатот за градоначалник Хари Локвенец.
Клучниот проект на РистескиСпоред актуелниот градоначалник Ристески, пак, во наредниов период акцент ќе биде ставен на економскиот развиток на Прилеп преку Технолошко – индустриската зона Алинци.
„ Новите локации во индустриските зони „Прилеп 2“ и „Прилеп 3“ како и веќе продадените градежни парцели во индустриската зона „Прилеп 1“ се доволен показател дека стопанствениците го увиделе перспективниот развој на Прилеп. Практично, најголема придобивка на градот е новиот ГУП кој е од инвестициски карактер, кој план овозможи и ќе овозможи во иднина голем број домашни и странски инвестиции да дојдат во Прилеп со цел подобрување на економијата и намалување на невработеноста. За само една година се продадоа многу локации за изградба на фабрики и погони во индустриската зона Прилеп 1, се подготвуваат нови индустриски зони, се распродадоа локации за колективен станбен простор за изградба на индивидуални објекти во новата населба Градина, се продадоа локации за делови објекти, нова автобуска станица итн“', изјави неодамна за Фактор Ристески.