Почнуваат подготовките за воведување на евтината тарифа
По најавата на Владата за повторно воведување на ефтината тарифа започнаа подготовките за имплементирање на мерката која треба да биде достапна за граѓаните согласно новиот тарифен систем. Од ЕВН велат дека веќе се подготвуваат за имплементирање на оваа мерка за што веќе се прават софтверски приспособувања на ситемот. По направените подготовки во октомври ќе започне процесот на прилагодување на секое индивидуално броило поединечни, каде што читачите н ЕВН имаат пристап.
„Прилагодувањето на новиот тарифен систем на броилата мора да се направи рачно и со физички контакт од нашите читачи, а за оваа обемна акција која ќе опфати околу 800.000 броила веќе подготвуваме план по реони“, велат по ЕВН.
Од ЕВН велат дека ќе ги стават на располагање сите свои капацитети за завршување на оваа обемна активност во оптимален рок. Иако за оваа обемна акција е потребен подолг временски период, ЕВН ќе направи се согласно своите расположливи ресурси, до крајот на октомври да ги опфати сите достапни броила.
Од Владата велат дека државата ќе издвојува годишно 8 милиони евра за да можат граѓаните да ја користат евтината тарифа секој понеделник до сабота од 14 до 16 часот, но сепак повеќе детали најавија за следната недела.
„Важно е да се истакне дека главната цел на оваа мерка за домаќинствата е да се овозможи користење на електричната енергија со евтина тарифа од сите категории, особено од потрошувачите кои се загрозени, односно невработените, социјалните случаи, стечајците, пензионерите.
Што се однесува на финансиските ефекти сакам да истакнам дека со воведувањето на евтината тарифа на електричната енергија, за 2017 година нема да има зголемување на цената на електричната енергија , туку истата ќе се компензира со ефикасна работа која ќе ја спроведат енергетските компании.
Како што знаете, врз основа на методологијата за одредување на цената на електричната енергија, Регулаторната комисија за енергетика секоја година на 1 јули усвојува нови цени на електричната енергија. Што се однесува на 2018 година, важно е да се потенцира фактот дека цената на струјата ќе се определи од неколку фактори и од податоците што ќе ги достават енергетските компании до Регулаторната комисија за енергетика, од трошењето на електричната енергија, особено во зимскиот период, од цените од слободниот пазар, либерализацијата на пазарот и многу други релевантни фактори“, посочи министерот за економија Крешник Бектеши.
Премиерот пак истакна дека нема да има покачување на цената на струјата.
„Обично цената на струјата расте кога има помала понуда на струја, а има поголема побарувачка. Со обновливи извори на електрична енергија, со присуство на поголеми продукции на енергија на секаде во регионот и во светот, така и ние, нашите тенденции се да имаме нови инвестиции во нови извори на енергија, пред сѐ на нови извори на електрична енергија, што ќе значи зајакнување на домашната продукција на електрична енергија. Сето тоа ни дава за право да очекуваме дека и после регулираниот период од 1 јули, не очекуваме тенденции на покачување на цената на струјата“, рече Заев.
Ефтината тарифа
според одлуката на Владата ќе се воведе секој работен ден од 14 до 16 часот
секој работен ден, вклучително и во сабота. Ефтината тарифа секој ден од од 22
до 7 часот наутро и во недела во текот на целиот ден како што беше досега ќе
остане и понатаму.
