Економија, финансии, бизнис

Контакт

Почнува претконгресна лидерска битка во СДСМ?

Почнува претконгресна лидерска битка во СДСМ?
На три дена до конгресот на СДСМ, поранешниот лидер на партијата Бранко Црвенковски во интервју за Дојче Веле нагласува дека во сегашната ситуација за СДСМ не е решение ниту негово враќање на лидерската позиција, но ниту актуелниот лидер Зоран Заев. „Зошто не јас? Постојат повеќе причини, но ќе споменам само една, која е сосема доволна: ‘Бранко е крив’. Оваа перцепција, без разлика колку е производ на смислена негативна кампања, а колку се должи на мои објективни грешки, не смее да биде дополнителен товар на партијата во овие тешки времиња. Што се однесува до Заев, исклучително ја ценам неговата храброст и решителност во обелоденувањето на криминалните афери на власта. Тоа мора да се почитува. Но серијата погрешни проценки за клучни прашања, водењето на политика од денес до утре, продуцирањето на внатрешни поделби во партијата, за жал, не гарантираат успешно лидерство. Сметам дека за СДСМ е најдобро да се оди со сосема ново решение“, вели Црвенковски. Како можно решение тој го споменува претседателскиот кандидат на опозицијата Стево Пендаровски. „Неговиот изборен резултат од 400.000 гласови, под еднакво нерегуларни изборни услови, наспроти 280.000 гласови за пратеничката листа на СДСМ со коалицијата, говори за кредибилитет кој мора да се респектира. ВМРО-ДПМНЕ и покрај сите напори и огромни потрошени пари, не успеа да реализира ефикасна негативна кампања против Пендаровски. Неговата беспрекорна биографија не им остави простор за тоа. Пендаровски не бил и не е дел од какви било партиски поделби, што би му дало одлична стартна основа за внатрешно помирување и обединување на партијата“, вели Црвенковски за Дојче Веле, нагласувајќи дека за ваквата опција не разговарал со Пендаровски. На ваквиот став од поранешниот лидер на социјалдемократите, веднаш одговори актуелниот. Заев му порачува на Црвенковски дека партиското раководство ќе добие доверба на конгресот закажан за 11 мај. „Со заземањето страна, во моментов Бранко Црвенковски и прави контра услуга на партијата пред конгресот во недела. Членовите на СДСМ преку делегатите на конгресот ќе го искажат својот став за тоа кој треба да ја добие доверба и да ја води партијата во наредниот преиод. Јас сум убеден дека мојот и концептот на сегашното раководство на СДСМ е вистинската стратегија што во скоро време ќе резултира со рушење на власта на Никола Груевски. Токму затоа сум сигурен дека делегатите на конгресот ќе дадат недвосмислена поддршка на сегашното раководство на партијата“, вели Заев за порталот Плусинфо. Тој тврди дека Пендаровски по изборите се изјаснил оти партиски функции не го интересираат. „Денеска, после објавеното интервју на Црвенковски веднаш го повикав Пендаровски да го прашам дали има промена во неговиот став и дали размислувањата на Црвенковски се темелат на некави сознанија добиени од него. Стево уште еднаш, јасно и недвосмислено ми потврди дека воопшто не размислува за некаков партиски ангажман, а најмалку пак за функцијата претседател на СДСМ“, тврди Заев. Но, се огласи и Пендаровски, кој демантира дека на оваа тема разговарал со Заев или со Црвенковски. „Сакам јавно да изјавам дека во изминатите неколку дена, вклучително и денеска, не сум имал средба ни со Заев ни со Црвенковски, ниту пак некакви разговори за мој иден политички ангажман. Бидејќи не сум дел од партиските тела, органи и структури, сакам да останам дистанциран од сите случувања во СДСМ до Конгресот на 11 мај. Во таа насока, замолувам моето име да не биде инволвирано во внатрепартиски калкулации“, изјави Пендаровски.
Слично

Поврзани вести