Почнува кампања за гласовите во дијаспората
Под мотото „Нашиот глас, наша иднина“, Обединетата македонска дијаспора ја почнува кампањата за мобилизација на македонските иселеници за гласање на претстојните претседателски и предвремени парламентарни избори.
Со повикот „Ајде гласајте!“, ОМД им објаснува и ги мотивира Македонците кои живеат во дијаспората да излезат на гласање. Но, во истовреме ја повикува и македонската Влада и политичките партии наскоро да се договорат и за електронско гласање од дијаспората, што ќе им го олесни изборниот процес на граѓаните кои живеат во странство.
Дијаспората има право на глас на претседателските и парламентарните избори, а своето гласачко право засега го остварува во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во светот. За претстојните претседателски избори дијаспората ќе гласа еден ден порано, на 12 април.
http://www.youtube.com/watch?v=ujF2966Mnkc
Трката за гласови на иселениците веќе започна. Партиски функционери од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се во посета на трите изборни единици во дијаспората - Америка, Австралија и Европа уште пред да се знае официјално дека ќе има предвремени парламентарни избори.
Партиски извори очекуваат жестока трка меѓу досегашните коалициски партнери за пратеничките места во дијаспората, кои можат да влијаат на распоредот на силите во Парламентот. Интегративците на Ахмети, охрабрени од гласовите на дијаспората која за последните локални избори со авиони се враќаше во земјава да гласа, веруваат дека можат да се надеваат на пратенички места во Европа и Америка.
Во сега распуштениот парламентарен состав сите тројца пратеници од дијаспората ги доби ВМРО-ДПМНЕ.
Слично
