ПОЧНУВА ЕКСТЕРНО ЗА МАТУРАНТИ: Наметната или потребна реформа?
Учениците од завршните години денеска го полагаат првиот предмет од екстерното тестирање. Матурантите не се изненадени од како што велат неспремноста на Министерството за образование да направи нов концепт на екстерното тестирање преку дебата со сите засегнати страни како што најави кон крајот на минатата година. Велат очекуван е ваквиот исход поради досегашната пракса на надлежните да најават па да го одложат најавеното. И оваа генерација на матуранти ќе полага по стариот концепт кој опфаќа полагање на три екстерни предмети, од кои првиот задолжителен мајчин јазик, вториот изборен математика или странски јазик и третиот изборен од групата предмети, во зависност од видот на средното образование како и еден интерен изборен предмет и проектна задача.
Моделот на екстерно тестирање кој се спроведува во земјава, реагираат учениците, нема да го подобри квалитетот ниту постигнатите знаења и не смее да биде мерило за успех за постигнувањата. Тие бараат укинување на екстерното кое како што велат скрои многу судбини, особено на оние ученици кои поради единиците кои завршија во свидетелствата и пониските оценки добиени на екстерниот тест не успеале да го продолжат своето образование.
И за дел од професорите екстерното тестирање е лошо осмислен начин на проверување на знаењата на учениците со импликации врз нивниот успех
“Четири години ученикот го насочува своето образование кон одредена професија, а на крајот полага државна матура која се состои од три задолжителни предмети македонски јазик, математика и англиски јазик, четвртиот испит е по избор на ученикот и изработка на проектна задача или семинарски труд која се брани пред комисија од наставници. Зарем државата нема доверба во веќе осмислените механизми за проверка на квалитетот на знаењата на учениците реализирана токму преку државната матура? Зарем на матурантите им е потребно постојано проверување овој пат на полугодие дополнително екстерно тестирање пак од државата по нови два предмети? Верувам никој тука не гледа логика во настојувањето да се спроведе екстерното во средните училишта. Секој може да истражи и да се увери дека во ниту еден образовен систем во Европа и светот не се врши екстерно тестирање на учениците секоја година од трето одделени до четврта година средно образование. Само и единствено кај нас”-реагираат членови на Наставничкиот пленум.
Велат реформата фрла сенка врз работата и вложениот труд на наставниот кадар во текот на целата година, а дополнително ја става под знак прашалник редовната контрола и проверка од страна на инспекциските служби.
“Инспекциските органи се присутни во образовните системи за да гарантираат квалитет. Правило е дека контролата го зајакнува квалитетот.Државниот просветен инспекторат ја има улогата на гарант за квалитетот во воспитно образовниот систем. И тоа е добро. Меѓутоа, изминативе години, таа контрола е зајакната, особено заради воспоставување на редовен систем на контрола на работата на училиштата, наставниците, стручните активи, стручните служби, директорите. Воспоставени се стандарди за квалитет во работата на училиштето и на секои две години, во училиштето се спроведува интегрален увид во целокупната работа. Контролата е насочена кон сите сегменти од работата на училиштата: наставните планови и програми, настава и учење, поддршка на ученици, човечки ресурси, професионално усовршување на наставниот кадар, финансирање, раководење,училишна клима, материјално технички услови, соработка со родители и локална заедница”-вели професорка од Наставничкиот пленум.
Во време на формализам, велат професорите, наставниот кадар престанува да ја извршува суштинската работа и се претвора во администратор па е ставен во трка да се фокусира и да ја води целосната документација за да ги избегне казните, многу често на штета на подготовките за жива и интересна настава со учениците.
“Ако знаеме дека системот на екстерна проверка е од научен аспект погрешно заснован, тогаш нема двојба дека на учениците им е нанесена штета со тоа што таа оцена за многумина беше пресудна за упис на факултет. Зарем на матурантите им е потребно постојано проверување па и на полугодие, дополнително екстерно тестирање по нови два предмети? Верувам никој тука не гледа логика во настојувањето да се спроведе екстерното во средните училишта. Ако го премолчиме ова, ние наставниците, свесно нанесуваме штета на младите. Штетите пак за наставникот се мерат од материјален аспект. Оценките од екстерното тестирање влегуваат во свидетелствата и влијаат врз успехот на учениците да се прифатат измени кои водат до казнување, туку нешто многу посуштинско – овде станува збор за одбивање на погрешно заснован концепт”-реагираат дел од професорите.
Оттука екстерното тестирање на почетокот на второто полугодие претставува само дополнително оптоварување за учениците од завршните години кои на крајот на учебната година ги чека нов предизвик и ново тестирање за државната матура.
Резултати од екстерното следниот месец, единиците остануваат во свидетелствата
Резултатите од екстерното за матурантите ќе бидат објавени на 8 февруари, а незадоволните од оценката ќе можат да поднесат приговор до 10 февруари во Државниот испитен центар. Оценките влегуваат во општиот успех на учениците односно истите ќе им бидат запишани во свидетелството, а оние кои ќе приговараат ќе ги чекаат резултатите до 12 февруари. За матурантите беа подготвени 85 илјади прашања кои беа достапни еден месец. До државниот испитен центар задолжен за тестирањето пристигнале 306 коментари и забелешки од учениците кои имаа две недели да ги разгледаат и да остават коментар и забелешки доколку некое прашање не е од материјалот кој го учеле или утврдат технички пропусти. Од нив само мал дел биле прифатени. Базата на прашања била освежена со 20 проценти нови прашања. Матурантите по вториот предмет ќе бидат тестирани на 29 јануари.
Од ланските ветувања на Власта:
За потребата од промени во екстерното тестирање предлози на стартот на учебната година стигнаа и од премиерот Груевски, кој од Собранието порача дека власта преку реформите се грижи на подолг рок учениците да добијат квалитетно образование, дури некогаш повеќе и од нивните родители. Тој ја отвори можноста за корекции во екстерното кои ги правдаше како подобрување на тестирањето, со цел да се добие на квалитет и остварување на целта.
“Оваа година Владата на Република Македонија и МОН размислуваат за дополнителни подобрувања. Тие дискусии ќе се пренесат, па ќе има консултации. Ќе видиме што може да се спроведе. Размислуваме да се даде можност за полагање наместо еднаш во годината да биде 2 или 4 пати. Да има повеќе проблемски прашања за да се увериме дека ученикот ја разбрал суштината. Се дебатира доколку ученикот биде оценет со 1 дали да преполага или ако не е задоволен со оцена да преполага. Се размислува да се подобри формулата за пресметка на просек на ученик. Да се провери дали има прашања чиј одговор нема во некои учебници и да се изготват прашања од само еден од одобрените учебници. Да се ангажираат само надворешни лица за набљудувачи, а не наставниците заради зголемување на објективноста. Се дискутира и за комисиско разгледување. Ќе се донесе одлука како да се вратат повисоки стандарди”- рече премиерот во своето образложение пред пратениците лани во октомви.
Но веднаш потоа министерот Адеми најави дека останува стариот концепт на екстерното тестирање. Последните сигнали кои дојдоа од првиот човек во министерството според учениците укажуваат на фактот дека надлежните немаат синхронизирано делување и договор за реформите во образованието, или навистина образованието пред избори не им е интересна, ниту суштински битна тема за разговори. Од тогаш остана само молк од институциите, за стихијно најоспоруваниот модел на екстерното тестирање да стигне и оваа година пред учениците.
С.Б.
Слично
