Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОЧНУВА ЕКСТЕРНО: Интернетот е „сила“, препишувањето „моќ“!

ПОЧНУВА ЕКСТЕРНО: Интернетот е „сила“, препишувањето „моќ“!
Во основните и средните училишта денеска почнува екстерното тестирање. Иако ова беше најкритикуваниот проект на Владата, против кој на протест излегоа илјадници ученици, професори и родители,  тоа не беше доволно да ги разубеди надлежните да се предомислат и да ги прифатат нивните барања и сугестии за реформата да биде  ставена  во мирување и преку стручни анализи на сите засегнати страни да се бараат нови и квалитетни решенија. Надлежните многупати го правдаа екстерното тестирање  како процес  кој треба да обезбеди поголема објективност во учењето, оценувањето и во начинот на којшто се верификуваат знањата на учениците од страна на наставниците, но според  професорите и учениците  се постигнува токму спротивниот ефект. За нив,  велат е нелогично надлежните да се повикуваат на проверка на знењето,  кога одговорите на прашањата веќе одамна се “пробиени” и кружат по социјалните мрежи, па така учениците не учат  туку само меморираат факти или препознаваат одговори. Професорката Даниела Николова од скопската гимназија “Раде Јовчевски –Корчагин”  вели дека оценувањето е еден сериозен и континуиран процес кој трае цела учебна година, па така  проценката колку ученикот знае  преку тест сочинет од прашања кои однапред  му се познати и за кои многу лесно може да ги добие одговорите низ социјалните мрежи и комуникацијата со своите соученици, е невозможна. “Екстерното тестирање е промашен проект во секоја смисла.  Тоа е проект кој  нема никакво оправдување за самиот себе. Ако нешто значи рушење на квалитетот на образовниот процес и на знаењето, тогаш тоа е екстерното оценување на знаењето на учениците какво што се спроведува кај нас. Сосема е јасно дека постигнувањата на учениците не можат да се оценат со еден тест од 30 прашања. Проценката колку ученикот знае, преку тест сочинет од прашања кои однапред нему му се познати и за кои многу лесно може да ги добие одговорите низ социјалните мрежи и комуникацијата со своите соученици, е навистина невозможна. Ова создава сериозен проблем, во смисла често изедначување со оценките, но нагласувам не и со знаења, на ученици кои континуирано работат и се истакнуваат со оние кои многу малку напредуваат и кои многу малку се заинтересирани за надградување на своето знаење. Нелогично е да очекувате дека низ таквото тестирање навистина ќе се направи вистинска проценка на знаењата на учениците”-вели професорката  Николова. Учениците според неа,  одлично ја процениле  оваа ситуација, па се организираат во одговарањето и споделувањето на одговорите на социјалните мрежи. Тоа е вели професорката,  јасна порака колку ваквата реформа во образованието го „подобри“ кавлитетот на образовниот процес. Екстерната проверка на знаењата на учениците каква што се спроведува кај нас, за неа има само една цел- заплашување. “Кога трудот ќе се обезвредни во целост, кога ќе се сруши авторитетот на наставникот, кога секој ќе изнаоѓа начин како да ја избегне казната, тогаш е евидентно дека некој сака да постигне ситуација која одлично ќе ја контролира и во која сите чинители ќе може да бидат манипулирани во зависност од потребите. Е, тука нема квалитетно образование, нема вистинско знаење”-нагласува професорката  Николова. Оценката додава таа, треба да е објективен израз на постигнувањата и знаењата на ученикот, но со ваквата организација на целиот овој проект, како што вели  тоа воопшто не се постигнува. Од друга страна eкстерното тестирање, според неа има многу нелогичности кои се на штета на учениците: нереални оценки, во некои случаи намалување на годишната просечна оценка на ученикот, впишување на полугодишна оценка како годишна, тоа е случај кај матурантите, впишување на оценката недоволен еден во свидителство, а најлошото од се` е вели, дека  со него се уништува мислата и знаењето на младите. “Проверката на знаењата со тестови кои се базираат на целокупниот материјал сеуште се применливи и даваат резултати. Но, зборувам за еден процес кој сосема поинаку се организира и реализира од овој кој го организира и реализира МОН. Наставниците се остручени за тоа. Ниту еден наставник нема да го оправда начинот на кој се организира и реализира екстерното проверување на знаењата на учениците. Тоа тестирање, во сите чекори е погрешно.Оваа реформа во образованието единствено овозможува имињата на наставниците и понатаму да се читаат на листи кои ќе значат рушење на нивното достоинство. Исто така,таа оневозможува  кариерен развој на наставниците, што е сериозна казна, дури посериозна од паричната казна”- потенцира професорката по филозофија. Оттука и за професорите и за учениците, борбата за подобро и поквалитетно образование не е завршена. По неколку последователни  протести тие најавија нови активности за следната учебна година. Едно од клучните барања на двата пленуми  и Наставничкиот и Средношколскиот,   беше одложување на екстерното оценување, се додека не се подобри квалитетот на процесот на тестирање. Од друга страна, досега надлежните не попуштија пред нивните аргументи. Тие ги објавија распоредите за екстерното тестирање на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk, додека за наставните предмети  ученикот е информиран 3 дена пред датумот на полагањето.  Со екстерно тестирање ќе бидат опфатени  183.280 ученици и 17.803 наставници. Јавниот базен со прашања, содржи вкупно 445.700 прашања на македонски, албански, турски и српски јазик. Тестирањето ќе трае до 10-ти јуни.
Слично

Поврзани вести