Економија, финансии, бизнис

Контакт

Почнува битка до истребување: во чии раце ќе биде транзицискиот џин „Фершпед“?!

Почнува битка до истребување: во чии раце ќе биде транзицискиот џин „Фершпед“?!
Во пресрет на веќе закажаното вонредно акционерско собрание на Фершпед, во компанијата се случија нови превирања. Дел од странските акционери најавија  дека ќе бараат дополнување на дневниот ред на собранието со неколку мерки, за кои тврдат дека се од значење за компанијата и за акционерите. Застапникот на  странскиот акционер QWEST INVESTMENT, Венцислав Гушев за Фактор вели дека ден пред да биде објавена информацијата на  Македонска берза за вонредното собрание, тој по барање на неговите клиенти, поднесол барање за вонредно собрание за што како што вели има и печат од архивата на Фершпед. - Во тој момент на берзата немаше информација дека има закажано вонредно акционерско собрание на 1-ви јануари 2014 година. Законски јас требаше да добијам одговор, а не добив никаков одговор. Во дел од точките во предложениот  дневен ред има низа контрадикторности, особено во делот за дивидендата, каде што стои дека“акумулираната нераспределена добивка останува како нераспределена добивка и ќе се користи за натамошните деловни цели на друштвото и интересите на акционерите”. Ова е игра на претседателот на Надзорниот Одбор Штерјо Наков, тоа се неговите методи на акционерска демократија. Тоа се погрешни деловни политики и против интересите на акционерите во компанијата. Имаме докази за милионски позајмици нафирмите ќерки на Фершпед А.Д. Скопје, на други правни лица како и на физичките лица, роднинско – пријателски поврзани со претседателот на надзорниот одбор господинот Штерјо Наков кои биле вентил како се испумпуваат средства од  компанијата или дивидендата на акционерите, за што поседуваме обемна документација, која што ќе им биде доставена на сите акционери. Но ние сме подготвени да одиме до крај, ако  треба и на суд, вели Гушев. Застапникот на странските акционери во компанијата смета дека е во интерес на сите акционери да се направи ревизија од странска куќа со која ќе се докажат незаконските работења во компанијата. Тој се согласува со ставовивите на потпретседателот на Надзорниот Одбор Кираца Трајковска во делот дека во Фершепед постои незаконско работење и обезвреднување на фирмата и акционерскиот капитал. Во повикот до акционерите за заштита на компанијата, Гушев наведува дека има  сознанија за досегашното нетранспарентно работење на  Наков и неговите синови, кои предизвикале сериозни оштетувања на акционерскиот капитал. Поради тоа предлагаат дополнувања на дневниот ред на веќе закажаното акционерско собрание. Еве дел од предложените точки на странските акционери. Именување на нов надзорен одбор, во кој ке бидат вклучени претставници или членови на најголемите акционери во компанијата, Распределба на 80 % дел од нераспределената досегашна дивиденда во висина од 22.030.000,00 милиони евра  а) Распределба на 40 % дел од нераспределената досегашна дивиденда во висина од 11.015.000,00 милиони евра или 677.421.200,00 милјарда денари, поточно нето исплата на акција по 37.400 денари или 608 ЕУР со исплата во готово, по точно утврден дивиденден календар, предложен и утврден на закажаното вонредно собрание, чија што распределба нема да го поремети тековното работење на компанијата ; б) Распределба на 40 % дел од нераспределената досегашна дивиденда во висина од 11.015.000,00 милиони евра, при што секој носител на акција ќе добие 1 (една) акција плус, по пат на нова емисија на акции, заради реално вреднување на потценетата вредност на акцијата на Фершпед А.Д. Скопје; Расправа за испумпување на средства од компанијата,  по пат на дадени позајмици на физички и правни лица во висина од 1.102.631.000,00 денари или 18.000.000,00 евра, од кои има дадени позајмици постари и повеќе од 5 години, кои до ден денеска не се вратени; Расправа за вложувањата во ќерките фирми на компанијата, а дел од истите се продадени за 10 пати помал номинален износ, без одлука на надзорен одбор, што е спротивно на одредбите од статутот на компанијата; расправа за отпишаните позајмици на физички и правни лица во висина од  5.500.000,00 ЕУР заклучно со датум 31.12.2012 година Битка  за превласт? По епилогот од закажаното вонрдно собрание за следната година, ќе биде познато дали ќе има промена во структурата на менаџментот на Фершпед. Според застапникот на странските акцонери Гушев, самиот факт што на дневен ред е ставено отповикување и именување на нови членови на Надзорниот Одбор, навестува промени. Сепак за тоа треба да одлучат акционерите, вели Гушев -Иднината на компанијата зависи од акционерите, тие се тие што поседуваат капитал и треба да го одберат вистинскиот пат. Во интерес е на акционерите да бараат отповикување, а кој ќе биде избран зависи само од нив, а тие треба да знаат дека никој нема право да си игра со нивните акции. Немаме ништо против транзиција, но тоа не значи економска анархија за акционерите, вели Гушев. Трајковска или Наков? Фактот што странските акционери ги поддржуваат ставовите на Трајковска, значи дека тие ќе застанат на нејзина страна, велат добро упатени извори за Фактор. Според податоците,  странските  акцонери кои ги застапува Гушев поседуваат 35% од акциите во Фершпед, заедно со останатите акционери поседуваат 75 % од акционерскиот капитал. Семејството Накови вкупно поседува 25 % од акциите. Во дел од медиумите излезе информација дека Наков се сретнал со странски акционери на кои им ги нудел на продажбата акциите во сопственост на неговите два сина. Но Наков ги отфрли како невистините ваквите информации. Ниту сум се сретанал со странски акционери, ниту сум им нудел на продажба акции. Нема да продавам акции, напротив ние ќе купуваме акции, изјави претседателот на Надзорниот Одбор на Фершпед Штерјо Наков, за телевизијата 24 Вести. Дека има битка за превласт покажуваат и податоците од Македонската берза, според кои пред три дена, во три системски блок трансакции што всушност знача трансакции меѓу познат купувач и продавач, се продадоа 1,2 % од вкупниот капитал на Фершпед, за 414 илјади евра. Во текот на вчерашниот ден на берзата се направени 11 болк трансакции во вредност од 1.446.230 евра.  Упатените коментираат дека во овој случај се работи за акционери кои сакале да ги продадат акциите на една од двете завојувани страни. Ривалството меѓу Трајковска и Наков тлеело подолг период, коментираат упатените, но сега чашата се прелеала. На почетокот на месецот Трајковска во јавно писмо го обвини Наков и неговите синови за незаконско работење, притисок врз вработените и обезвреднување на компанијата. Ваквите обвинувања беа отфрлени од претседателот на Надзорниот  Одбор, а во соопштението преку Македонска берза, АД Фершпед наведе дека дека фирмата работи законски, а самите акционери доброволно и по сопствено убедување ги остваруваат своите акционерски права. Според податоците, Кираца Трајковска е трет најголем и поседува 10,63 отсто од акциите на Фершпед, едниот син на Наков поседува 11,83 отсто, а неговиот брат 11,04%. Штерјо Наков  поседува 1,43 отсто од акциите, во компанијата. Ј.С
Слично

Поврзани вести