Почнаа претседателските избори
Во седум часот утрово беа отворени гласачките места низ Македонија, на петтите по ред претседателски избори. На 3.480 избирачки места во земјата право на глас имаат 1.779.572 избирачи.
Гласањето трае до 19:00 часот, до кога официјално е на сила и изборниот молк. Се гласа меѓу четворица кандидати за нов шеф на државата.
За претседател ќе биде избран кандидатот кој на првиот круг од изборите односно денеска ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани гласачи. Ако никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена, на 27 април, ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело. Доколку никој не го исполни овој услов, целата постапка се повторува од почеток.
За следење на претседателски избори се акредитирани 9.155 домашни и 489 странски набљудувачи, како и 222 преведувачи. Од изборите во Македонија ќе известуваат и триесетина странски новинари.
Во канцеларијата на Народниот правобранител денеска, на денот на одржување на првиот круг на изборите за претседател на Република Македонија, во периодот од 7 до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија 0800-54321 на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.
Отворени за граѓаните ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.
Народниот правобранител потенцира дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што не случајно повредата на слободата на определувањето на избирачите како и други повреди на избирачкото право се казниви дела, соопштува Канцеларијата на омбудсманот.
Слично
