Почна процедурата: Шпаркасе ја купува Охридска банка
И официјално почнува процедурата за продажба на Охридска банка, која сега е дел од француската групација Сосиете Женерал. Штајермеркише Банк и Шпаркасен АД и официјално достави понуда за преземање на Охридска банка, соопшти денеска банката преку ценовно чувствителна информација испратена до македонската берза.
„До Управниот одбор на Охридска банка АД Скопје е доставена понуда за преземање на акции издадени од Охридска банка АД Скопје и Проспект за понуда за преземање на акции издадени од Охридска банка АД Скопје, поднесени од страна на Штајермеркише Банк и Шпаркасен АД“, се вели во соопштението до Берзата.
Централната банка претходно ја дала неопходната согласност за преземање на Охридска Банка од страна на австриската Шпаркасе Банка. Со тоа практично се создадени услови за реализација на завршната фаза, односно за купопродажните трансакции.
Инаку, Сосиете Женерал минатата година донесе одлука да се повлече од регионот на Источна Европа, со образложение дека нејзините експозитури во тие три држави не биле во топ трите банки според пазарниот удел. На продажба тогаш се дадени банката во Бугарија, во Албанија, во Македонија, во Црна Гора, во Србија и во Молдавија.
Во првиот квартал од оваа година добивката на Охридска банка беше пониска за 24,5 проценти во споредба со истиот период од минатата година, соопшти банката, меѓу другото и поради повисока исправка на вредноста на финансиските средства.
