Почина и чичкото – уште една жртва на трагичната сообраќајка кај Удово
И 24-годишниот Никола Маринковиќ од Србија, кој пред четири дена беше тешко повреден во сообраќајната несреќа на патот Демир Капија-Удово им подлегна на повредите, објави Курир.
Никола од сообраќајната несреќа беше во кома со тешки повреди на главата и градниот кош. Тој беше чичко на 8-месечното бебе кое загина во несреќата.
Телото на Никола Маринковиќ било предадено на обдукција. Тој заедно со семејството на неговиот брат оделе на одмор во Грција, кога директно на нив налетало друго возило со српски регистарски таблички кое претекнувало и влегло во спротивната лента.
Во тешка состојба на Клиничкиот центар во Скопје и натаму е мајката на бебето Марија Маринковиќ, која има сериозни повреди на ’рбетот. Со скршеници на колкот и бутната коска се уште е хоспитализиран и нејзиниот 5-годишен син. Таткото Драган, брат на Никола, беше пуштен на домашно лекување со полесни повреди, но тој останува во Скопје, стравувајќи за судбината на своите блиски.
Од вториот автомобил со полесни повреди поминал возачот, за кој се смета дека е виновен за сообраќајката, 21-годишниот Рајко Радојковиќ. Деветнаесет годишната Милица Нововиќ има скршена карлица, додека Никола Гавриловиќ скршена нога.
На Радојковиќ му се одземени личната карта, пасошот и возачката дозвола и тој ќе мора да остане во Неготино и секој ден да се јавува во полиција се додека не заврши истражната постапка околу тешката сообраќајка. Ваквата одлука ја донел неготинскиот суд на барање на обвинителството.
Слично
