Победа на власта, дебакл на опозицијата, светулки на демократијата!
Според првичните резултати, во третиот круг од локалните избори Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи во 16 општини, „Сојузот на иднината “ на чело со СДСМ освои победа во Струмица, Куманово и Центар, а Стевчо Јакимовски од Српската напредна странка останува градоначалник на Карпош. ДУИ ја потврди победата во сите општини од првиот круг, а меѓу останатите свој градоначалник сега ќе има во Тетово и Гостивар, додека ДПА со Зијадин Села победи во Струга.
Груевски: Победија делата
Заедно со победата во 40 општини во првиот круг, ВМРО ДПМНЕ освои 56 општини во земјава со што обезбеди доминантна позиција во локалната власт. Тие прогласија победа во Скопје, Битола, Велес, Берово, Богданци, Бутел, Делчево, Дебарца, Јегуновце, Кочани, Карбинци, Кавадарци, Лозово, Ресен, Старо Нагоричане, Чешиново- Облешево и Ѓорче Петров.
Имавме слободни, фер и демократски избори во кои победија делата, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, истакна во своето обраќање синоќа премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Покрај 40 општини во кои ВМРО-ДПМНЕ победи во првиот круг, денеска ВМРО победи и 16 општини, вкупно 56 општини, за разлика од пред 4 години кога победивме во 55 општини. Бројот на освоени гласови во 2009 беше 406.000, а денеска освоиме 445.000“ изјави Груевски и додаде дека ваквите резултати се победа на делата во Република Македонија, концептот и нивниот искрени однос кон народот.
Груевски потврди дека СДСМ освои победа во Ранковце, Струмица и во Куманово, а рече и дека има водство во Центар. За поразот во Кичево и Струга тој ја обвини територијалната поделба за која тие како партија укажувале дека не е соодветна.
„Иако загубивме, ја поздравувам одлуката за заеднички избор на Кочовски и Деспотовски, што е нова вредност и шанса и надеж за наредните избори и предизвици. Како влада максимално ќе помагаме во Кичево и во Струга“, рече Груевски и честиташе за успешниот изборен ден.
Црвенковски: Поразена беше целата наша држава
Заедно со победата во Ранковце во првиот круг, најголемата опозициска партија „Сојузот на иднината“, победа имаат во четири општини. Тие застанаа и зад независниот кандидат од општина Могила, кој победи во втор круг.
Македонија не е демократска и слободна земја, обвини лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, кој се обрати синоќешната прес-конференција. Тој им се заблагодари на храброста на сите што гласаа за здружената опозиција и најави дека ќе ја продолжи борбата против недемократската власт.
„Во Македонија, во земја со ваква власт, да се гласа за нас, значи да се преземат многу ризици. Нема слободна земја во која на ваков безобразен начин се трошат пари за партијата на власт, во која има ваква партизација на институциите и ваква манипулација преку медиумите“, рече Црвенковски кој додаде дека изборите не беа фер и демократски.
„На овие избори тој што мисли дека ние сме поразени, се лаже. Без слобода, без демократија, без правда, нема економски развој. Ние како поединци, како политички парии, ќе ја продолжиме нашата битка против оваа недемократска власта, до крај. Оваа диктатура може да биде поразена само со народот. Клучно е прашањето што ќе направи народот. Секој од вас, заради себе, своите семејства и татковина, треба да размисли за иднината. Ние сме тука, ако сме единствени, победата е тука“, посочи Црвенковски.
Голема победа на ДУИ, пораз на ДПА
ДУИ освои голема победа во општините кадешто мнозинство има албанското гласачко тело, а со тоа и голема победа над ДПА. Тие победија во осум општини - Тетово, Чаир, Арачиново, Студеничани, Теарце, Врапчиште, Брвеница и Гостивар. Заедно со победата од првиот круг сега ќе имаат власт во 15 општини. Опозициската ДПА пак победа во врориот круг има во Струга каде поразен беше заедничкиот кандидат на коалициите предводени од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. И оваа партија тврдеше дека нивниот кандидат победил во Студеничани.
Според ДУИ ова е ппобеда на демократијата и граѓаните на Република Македонија во фер изборен процес. За лидерот на ДПА, Мендух Тачи, изборите беа нерамноправна борба, со многу притисоци и уцени од сите сегменти на власта.
Еве го „рецептот“ на „малите“ против „големите“'
Со голема предност пред својот противкандидат од СДСМ, Стевчо Јакимовски останува и во втор мандат градоначалник на општина Карпош.
„Ова е историска победа бидејќи граѓаните на Карпош го дадоа гласот за мене затоа што се задоволни од мојата работа во претходните четири години. Во ниту еден момент не се посомневав дека ќе победам затоа што сум сигурен дека жителите на општина Карпош стојат зад мене“, изјави Јакимовски од неговиот изборен штаб каде ја прогласи победата.
Во општина Могила победа извојува независниот кандидат Стевче Пивковски кој во вториот круг го победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Славко Велевски кој се бореше за градоначалнички мандат по петти пат. Пивковски до неодамна беше член на ВМРО-ДПМНЕ, но го исклучија од партијата кога реши да се кандидира за градоначалник. Според Пивковски неговата победа е победа на демократијата.
Слично
