Побарувањата на ФЕРШПЕД пораснале за 120 отсто односно 9,66 милиони евра! Ќе ги наплати ли?
Тековните обврски на „Фершпед“ во првите шест месеци се за 120 отсто повиоски од истиот период лани. Само за камати „Фершпед“ платил речиси 22 милиони денари. Овие бројки растат паралелно со големиот раст на побарувањата од купувачи кои се повисоки за 9,66 милиони евра. Овие перформанси ги остварува „Фершпед“ во услови кога има пад на приходите за 117,2 милиони денари за кои менаџментот објаснува дека причините биле во нелојална конкуренција на пазарот, условите во ЕУ и новонастанати околности во регионот без да објаснат на што конкретно мислат...
Најголемата домашна шпедитерска компанија „Фершпед“ има раст на побарувањата за 595,3 милиони денари (околу 9,66 милиони евра) во првите шест месеци годинава во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци од неревидираниот неконсолидиран биланс на состојба што деновиве го објави таа голема домашна компанија.
Имено побарувањата од комитенти на 30 јуни изнесуваат 1,09 милијарди денари и се повисоки за 595,3 милиони денари во однос на истиот период лани. Тоа е раст од 120 отсто на побарувањата на компанијата. Голем раст има и во однос на износот на побарувања што компанијата го имала на крајот на декември лани. Тогаш од билансот на состојба (неконсолидиран) нивниот износ е 594,5 милиони денари. Тоа значи дека на шест месеци побарувањата на „Фершпед“ пораснале за 497,3 милиони денари односно 8,07 милиони евра. Од овие податоци за логично и значајно само се наметнува прашањето: дали некој го заглави „Фершпед“ и зошто во толку голема мерка се зголемени побарувањата на компанијата? Дали постои реална можност за наплата? Од образложението на менаџментот дадено во прилог на извештаите не може да се добие конкретен одговор. Дури воопшто и не споменуваат за драстичниот раст на побарувањата.
Споменуваат за падот на приходи и тоа го правдаат со „нолјална конкуренција на пазарот“. А што значи тоа и зошто досега јавно не се изјасниле? Дали пријавиле нелојална конкуренција до надлежните органи – Царинската управа, Управата за јавни приходи и до Министерството за финансии? Не знаеме, не кажуваат...
Дали растот на побарувањата ги зголеми обврските на „Фершпед“?
Податоците од билансот на состојба покажуваат значаен раст на обврските на „Фершпед“, а особено на краткорочните кредити и заеми и останатите краткорочни обврски. Намалување има единствено кај износот на долгорочни кредити на компанијата. Дали растот на обврските на „Фершпед“ има директна корелација со драматичното зголемување на неговите побарувања од коминтентите? Дали компанијата има кусок средства за потребите на тековната ликвидност па ги зголемила позајмувањата на краток рок од банки со кои соработува? Не знаеме, за тоа треба одговор да даде менаџментот, а треба да го побараат акционерите затоа што имаат право да знаат што се случува со нивната компанија... Очигледно дека менаџментот не чувствува потреба да објасни со своето образложение што го дава до јавноста преку неговото објавување на страницата на берзата.
Од билансот е видливо дека ставката останати краткорочни обврски на „Фершпед“ на крајот на јуни изнесува 295,8 милиони денари и во однос на истиот период лани се поголеми за 270 милиони денари! Менаџменот не гледа потреба да го објасни ова во своето образложение до јавноста! Ставката обрвски по краткорочни кредити и хартии од вредност на крај на јуни годинава изнесува 206,3 милиони денари, а во истиот период лани била помала за 183 милиони денари. Обврските на „Фершед“ на крај на прво полугодие годинава се 1,159 милијарди денари и се за 40 отсто повисоки од обврските во истиот период лани. На страната на обврските компанијата испеала да ги намали за еден милион евра само обврските за долгорочни кредити и тие на 30 јуни изнесуваат 442,5 милиони денари.
Приходите од продажба паднале за 7 отсто, а добивката паднала за 96 отсто
Приходите од продажба на „Фершпед“ изнесуваат 1,494 милијарди денари и во споредба со лани се пониски за 117,2 милиони денари. „Фершпед“ бележи пад на приходите и на домашен пазар и на странските пазари. Поголемата ставка се приходите на домашен пазар и тие изнесуваат 1,4 милијарди денари и бележат пад за 5 отсто. Продажбите во странство се 89,7 милиони денари и тие бележат пад од 32 отсто. Расходите на компанијата годинава во споредба со лани се пониски за 10 отсто односно за 160 милиони денари.
Финансиските расходи се 21,9 милиони денари и се за камати, курсни разлики и слични расходи, а во споредба со лани годинава се повисоки за 84 отсто. Финансиските расходи се повисоки за 10,7 милиони денари од финансиските приходи. Финансиските приходи на „Фершпед“ годинава се речиси 4 пати пониски од лани кога изнесувале 42,5 милиони денари. Добивката на компанијата е 1,95 милиони денари и е речиси 48 милиони денари пониска од лани.
Р.Ф.
Слично
