Економија, финансии, бизнис

Контакт

По владините министри – и Груевски во напад кон Заев

По владините министри – и Груевски во напад кон Заев
Заев направи „локален“октопод, го обвини опозицискиот лидер, премиерот Никола Груевски. Според Груевски, случаите со тендерите во Струмица давани на најблиското семејство на Заев, кој е градоначалник  на општината Зоран Заев потсетуваат на октоподот на Бранко Црвенковски, изјави Груевски и праша дали за Заев е нормално роднините, снаата, чичкото на Оланд, Меркел или Камерон да ги добиваат тендерите од страна на државата. „Гледам дека секојдневно излегуваат информации во јавноста за тендери на Општина Струмица коишто ги добивале луѓе од неговото, пред се, роднинско опкружување. И малку е чудно што целата негова одбрана се движи во правец дали е тоа законски или незаконски, кога денес излегува дека татко му и чичко му зеле тендер, утре излегува снаата, задутре стрината и којзнае уште што ќе излезе. Од тој аспект се прашувам дали ако стрината, снаата, татко или не знам кој на Меркел или на Камерон или на Франсоа Оланд така масовно добиваа тендери во нивните земји, дали таму дебатата би била дали е тоа законски или незаконски или би имало некоја друга дебата“, рече Груевски. И неговиот сопартиец, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска излезе со обвинувања кон Заев, откако неколку дена претходно, со слични напади се наредија и министрите за образование и наука и за здравство. Според Спасов, направена е злоупотреба и кога фирмата „Тргопродукт ДОО увоз-извоз” од Струмица, за преработка на овошје и зеленчук, во периодот кога сопственик е Катерина Бојовиќ Заева, прва братучетка на Зоран Заев, склучува договор за јавна набавка со Јавното претпријатие „Комуналец” на 31 декември 2010 година. Со оваа јавна набавка, информира, се обезбедени феферони, цвекло, корнишони и мешана салата во вредност од дури 109.447 денари. И ден денес оваа фирма, истакна, ја водат стрината на Зоран Заев, Убавка Заева и нејзината ќерка Катерина Бојовиќ Заева. „ Овие факти говорат за вашата моралност и чесност. По сево ова, на струмичани, а и на сите граѓани на Република Македонија, им станува совршено јасно, како Вие со градоначалничка плата сте стекнале толкав имот и како сте ја создале мрежата на фирми кои директно или индиректно се поврзани со Вашата фамилија“, изјави Спасов. Од СДСМ со соопштение реагираат, дека премиерот, како што пишуваат, не мора да се заморува со Германија или Британија, туку идеален за споредба, но и за поука, му е поранешниот хрватски премиер Иво Санадер. „Со кој памет Никола Груевски, човекот што ги назначи своите први братучеди Сашо и Влатко Мијалкови и кумот Зоран Ставревски за контролори и газди на парите на граѓаните на Република Македонија, прави споредби со политичари како Ангела Меркел или Дејвид Камерон. Ова е семејна метастаза на семејството Груевски инсталирана во Владата на Република Македонија. Појава незабележана во поновата политичка историја на Европа. Вакви луѓе, согласно европските стандарди не би смееле да се бават со политика, а не да бидат претседатели на влади. Кога веќе прави паралели, Груевски не мора да се замара со Германија или Британија. Има одличен  пример на Балканот. Идеален за споредба, а и за поука му  е поранешниот хрватски премиер Иво Санадер“,  пишува во сооштението на СДСМ.
Слично

Поврзани вести