ПО УПАДОТ НА ПРИШТИНА НА СЕВЕРОТ: Каков став зазема ЕУ?
Србија бара меѓународната заедница да ги заштити Србите на Косово откако вчера имаше упад на северот, на што од Европската Унија(ЕУ), велат дека последните еднострани акции на Приштина ризикуваат натамошна ескалација.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, по повод вчерашниот упад на косовската полиција во зградите на „Привремените органи на Владата на Србија во општините на северот на Косово и Метохија“, изјави дека последните еднострани и некоординирани чекори на властите во Приштина на северот ризикуваат натамошна ескалација. Стано на мрежата Х ја сподели изјавата на Делегацијата на ЕУ во Приштина, во која се посочува дека ЕУ е разочарана од континуираната некоординација на Приштина со меѓународните партнери, како и дека акцијата на косовската полиција против канцелариите кои се поддржани од Србија во Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ ја загрозува кревката безбедносна ситуација на теренот. ЕУЛЕКС веднаш добил задача да го надгледува извршувањето на оваа операција, која не била координирана со ЕУ и меѓународните партнери.
Припадници на КФОР формираа кордон на мостот на Ибар во Митровица.
