Економија, финансии, бизнис

Контакт

По Трамп, и Путин кај Џинпинг – Кина главно меѓународно клатно

По Трамп, и Путин кај Џинпинг – Кина главно меѓународно клатно

Вечерва рускиот претседател, Владимир Путин, ќе допатува во Пекинг. Неколку денови по посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Кина. Путин доаѓа во државна посета, која официјално ќе почне утре, а вечерта се очекува да замине за Русија.

Фактот дека после посетата на Путин, за неколку месеци, Кина ја посетиле лидерите на сите членови на Советот за безбедност на ОН и многу други лидери, зборува дека Пекинг станува центар на глобалната дипломатија. Тоа го потенцираат и кинески медиуми. Емануел Макрон беше во Пекинг во декември, британскиот премиер, Кир Стармер, во јануари, минативе  денови американскиот претседател, Доналд Трамп и од денес Путин. Излегува дека Кина, во моментов, е главното меѓународно клатно кое задава темпо на развојот на меѓусебните односи меѓу државите. За некои побрзо, а за други побавно. Кинески експерти сметаат дека за клучни прашања, како што е економското опоравување, управувањето со климатските промени, неширењето на нуклеарното оружје и регионалната безбедност, ниту една голема меѓународна агенда не може да се придвижи нанапред без Кина.

Истите експерти сметаат дека Русија сака да ја продлабочи стратешката координација со Кина, додека истовремено и натаму ја унапредува  соработката во областа на енергетиката, трговијата и индустријата, за да помогне во стабилизацијата на евроазискиот безбедносен пејзаж. Што преведено на обичен јазик значи дека Русија и Кина не сакаат да дозволат Западот да стави клин меѓу нив и Средна Азија. Американците, пак, се прагматични целејќи да ја ангажираат Кина да помогне во решавање на домашните и надворешните предизвици. Франција, од своја страна, тежи кон европска стратешка автономија, настојувајќи да го искористи кинескиот пазар за намалување на надворешната зависност, додека истовремено ја проширува соработката во областа на воздухопловството и нуклеарната енергија, за да го засили глобалното влијание на Европа. А Британија настојува да ги сочува трговските и финансиските врски со Кина, особено после Брегзит.

Од Кремљ веќе соопштија дека дводневната посета на Путин на Кина е по покана на Кинезите по повод 25 годишнината од потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка меѓу двете земји. Годинава се одбележува и 30 годишнината од воспоставувањето на руско-кинеското стратешко партнерство и заемна соработка. Денешната посета на Путин на Кина ќе биде 25-та, а средбите со кинескиот претседател Шји Џинпинг ја надминуваат бројката од 40. Последен пат двајцата претседатели се сретнаа лани во мај на прославата по повод 80 годишнината од Победата, како што ја викаат во Кина.  Како резултат на преговорите се очекува да бидат потпишани 40-тина документи, а главен политички резултат од посетата треба да биде заедничка изјава за натамошно зацврстување на сеопфатното партнерство и стратешката заемна соработка, документ од 47 страници, кој што го определува натамошниот развој на двостраните односи во наредните години.

УКРАИНА И ЕНЕРГЕТСКАТА БЕЗБЕДНОСТ

Путин и Џинпинг ќе имаат многу други работи да разгледаат. Во прв ред односот на САД кон Венецуела, најавите кон Куба и секако војната во Иран. Русија и Кина на овој план не се поставија конфронтациски кон САД, но двете земји секако ќе се обидат да направат некаков план во тој поглед. План за заеднички дејства. Не помал ќе биде и интересот околу војната во Украина. Сето ова, посебно по посетата на Трамп на Кина. Русија ќе сака од прва рака да чуе што разговарале Трамп и Џинпинг за меѓународните прашања. Особено што станува збор за преговори на две суперсили. И воени и економски. Едно е да се читаат новинарски извештаи, а сосема друго да се чуе еден од соговорниците.

За Русија болна точка е Украина, а за Кина енергетската безбедност, особено по војната на САД и Израел против Иран и морските блокади во тој регион. Затоа за Кина е од голем интерес копнениот транспорт на енергенси за да се намали зависноста од морскиот. А најдобар пат до тоа е поврзувањето со Русија. И нејзиниот гас и нафта. Кина и Русија веќе се поврзани со гасоводот „Силата на Сибир“, но веќе неколку години се водат преговори и се прават планови за гасоводот „Силата на Сибир-2“, кој би одел низ Монголија. Тој би бил долг над седум илјади километри. Од нив околу три би била на руска територија. Ова е многу важно и за Русија, бидејќи на тој начина таа ќе ја покрие загубата од санкциите на ЕУ за забрана на користење на руски гас, иако и денес тие од таму го увезуваат.

Во Кина годишно би оделе околу 50 милијарди гас, кој на Русија ќе и донесе пари потребни за во иднина, доколку продолжат или не бидат укината европските санкции. Ќе биде големо изненадување доколку биде обелоденето дека конечно е постигнат договор околу овој проект. Не само за партнерите, туку и за САД и за ЕУ. Главниот проблем беа парите. Но сега, поради ситуацијата со блокадата на Ормускиот теснец, Американците инсистираат, а така било и на преговорите на Трамп со Џинпинг, Кина да купува американски гас, колку што може повеќе. Ќе биде изненадување и за ЕУ, која доколку ги укине санкциите кон Русија ќе нема можност да добива руски гас во количества како што ги добиваше до 2022 година. Па ќе мора да продолжи да купува поскап гас од САД и од земјите од Заливот. Лани во септември „Гаспром“ и кинеската компанија CNPC, потпишаа правно обврзувачки меморандум  за изградба на „Силата на Сибир-2 и транзитниот гасовод „Сојуз исток“. Но конкретните рокови се’ уште не се извесни. Како и да е, доколку се најави изградбата на овој гасовод, тогаш тоа ќе биде уште еден доказ на сериозните намери на Русија за префрлање кон Исток. И политички е економски.

Не се исклучува покрај копнените транспортни коридори на разговорите да се разговара и за Северниот морски пат. За него Кина покажа голем интерес, иако многу земји се противат, бидејќи таа не излегува на Арктикот. Но Русија може да им дозволи на кинеските компании да градат пристаништа, флота од мразокршачи и друга инфраструктура која ќе и овозможи на Кина да го користи и тој морски пат. Со што драстично би се намалило времето на транспорт на стоки кон европските пристаништа. Ова е многу важно прашање и веќе се водат дебати околу Арктикот, кого го сметаат за ново поле на несогласување, па и војна меѓу Западот и Русија. Секако ќе се разговара и за намерите на Русија за создавање на индустриски алијанси со земји со кои ќе има заемни интереси.

СЕЛЕКТИВЕН НУКЛЕАРЕН УДАР

Творецот на руската политика за „Пат кон Исток“, Сегеј Караганов, неодамна објави еден текст во кој зборува за меѓународната политика. Особено во светлото на затегнатите односи на Русија со Западот. И обидот на Западот во наредните две десетлетја за историски реванш кон Русија, Тој вели:„ Водејќи сметка за вкупната сериозната опасност во наредните  две десетлетја, обидите на Западот да се реваншираат, треба да се разгледа прашањето за склучување на времен (на десет години со можност за продолжување), одбранбен сојуз со Кина. Тој е од полза за да се сопрат реваншистите и за тоа братска Кина да не ја чувствува неопходноста да се изедначи во стратешката нуклеарна сфера со САД и Русија. Нуклеарниот потенцијал на Кина, еднаков со рускиот, при предностите на Кина во други видови вкупна моќ(економија, демографија) може да роди страв и сомневања кај идните раководители на Русија. А тоа не им е неопходно ни на рускиот, ниту на кинескиот народ“. Караганов ги изложува своите гледишта, кои никако не се целосно прифатени од Кремљ. Барем засега. Ниту Путин, ниту Џинпинг, јавно не спомнале некаков воен сојуз. Но, ништо не се знае за тоа, како ќе се развиваат работите во светот. Патем кажано, Караганов е и заложник  за селективен нуклеарен удар врз делови од Европа.

Кина и Русија не ги обединува само трговијата и енергетиката. Според, Пјер Андрије, експерт за кинеско-руските односи во  Asia Society Policy Institute, Кина стана главен испорачувач на автомобили и други стоки во Русија, после заминувањето на западните компании. Но агресијата против Украина ги засилила дури и идеолошките  врски на руско-кинеското пријателство. „Двете земји се против западниот либерализам и ја предизвикуваат американската „хегемонија“. Тие се нуклеарни држави и постојани членки на СБ на ОН. Нивните стратешки интереси се совпаѓаат. Во економијата тие се дополнуваат една со друга. Русија е суровинска држава, а Кина индустриска и технолошка. А на воено стратешки план Кина победува  од географската позадина, која и ја обезбедува Русија на северот“, вели Андрије.

Од она што досега е достапно до јавноста, за разлика од посетата на Трамп, која беше и со многу јавна симболика, преговорите на Шји и Путин ќе бидат практични. Тие ќе треба да се координираат околу Украина, Околу Иран и енергетиката. Конфликтот во Украина, кого Кинезите го нарекуваат „украинска криза“ не го наруши единството меѓу Кина и Русија, иако Кина никогаш директно не ги одобруваше дејствата на Москва. Таа е најголем економски партнер на Русија. Кина прави се да и ја олесни положбата на Русија и да ја оттрне од изолацијата. Трамп и Џинпинг разговарале за Украина и би сакале да има решение. Од друга страна, на Трамп, Кина не му е потребна за решавање на војната во Украина. Ако ја побара како посредник, тогаш Кина ќе му испорача на Трамп некакви свои барања. А Вашингтон во моментов нема што многу да понуди. Трамп сака да стави крај на војната во Украина, што би му помогнало на домашен терен, особено пред изборите на Конгресот. Слично е и со Иран. После посетата Трамп даваше некои изјави од кои можеше да се сфати дека во разговорите со Шји Џинпинг имале некои заеднички ставови. Но не доволно за заеднички настап во спречување на  војната.

Во предвечерието на посетата на Кина Владимир Путин имаше видео обраќање. Меѓу другото, според него, тесната руско-кинеска врска игра важна, стабилизирачка улога на светската арена.  Расте руско-кинеската трговска размена. Москва и Пекинг ќе продолжат да прават се’ што е можно за продлабочување на руско-кинеското партнерство и добрососедство. Претходно кинескиот министер за надворешни работи, Ван Ји, односите меѓу Кина и Русија ги опиша со цитат од кинески поет од времето на династијата Танг: „ Непоколебливи пред ветрот и дождот, стабилни како планина“.

За крај. Се’ најмногу зависи од Џинпинг и Путин. Нивните лични односи покажуваат дека станува збор за вистински пријатели, кои, секако, поаѓаат од интересите на своите земји. Многумина тврдат дека Русија сега е приврзок на Кина. Но, не треба да се заборави дека Путин беше дочекан изненадувачки пријатно во Енкориџ. Разговараше таму со Трамп, нешто се договорија, а сега оди да се види со Шји. Едно е јасно, додека се тие, Путин и Шји на власт, не може да се случи нешто непредвидено. Впрочем при нивната последна средба тие разговараа за долговечноста. Можеби таа за нив е и предизвик со оглед на тоа што се речиси врсници. Имаат 74 и 73 години. Секако, откако претходно ги завршија главните работи.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор


Слично

Поврзани вести