ПО СВАДБА ТАПАНИ: Уставниот суд ја отфрли иницијативата за поделбата на дивидендата за банките
Уставниот суд донел решение со кое ја отфрла Иницијативата за поведување на постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката на Народната банка со која таа привремено им ограничи на банките да делат дивиденда за остварената добивка во 2020 година. Оваа одлука НБМ за донесе во февруари, а за неа потоа, Хари Костов, првиот човек на Комерцијална банка заедно со други акционери на банката поднесоа иницијатива пред Уставниот суд. Додека да стаса на ред на разгледување во Уставниот суд Народната банка ја укина оваа забрана па уставните судии решиле да ја отфрлат иницијативата.
„Решението за отфрлање на Иницијативата од Уставниот суд произлегува од фактот што во меѓувреме, на 03.08.2021 година, оспорената Одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките престанала да постои односно истата е укината од страна на Советот на Народната банка на РСМ, соопштија од Комерцијална банка коибеа подносители на иницијативата.
Инаку Костов заедно со поголем број акционери на Комерцијална банка, меѓу кои се Адора инженеринг, ИГМ Трејд, Гранит, Промедика, Макпетрол, Македонијатурист, ЗСФ ком, Раде Кончар ТЕП, Раде Кончар Сервис, Раде Кончар Апаратна техника, Смелтинг, Езимит вино ДОО Штип и поголем број физички лица-акционери на Банката тврдеа дека оваа одлука е неуставна и дека била донесеа без законско овластување за донесување одлука со таква содржина
„Советот на Народната банка не е слободен самиот да си ги одредува задачите што ќе ги врши, туку може да ги врши само оние задачи за кои има изрично овластување утврдено со Закон. Во ниту една одредба од Законот за Народната банка не е утврдено овластување на Советот со свој акт да пропише ограничување на распределбата и исплатата на дивидендата на акционерите на банките, независно од целите што Советот на НБМ сакал да ги постигне. Со донесувањето на оспорената Одлука, подносителите на иницијативата сметаат дека Советот ги пречекорил своите овластувања и надлежности утврдени со закон и дека таквата одлука во правната теорија и судската пракса се смета за ништовна, информираа тогаш.
Сепак во меѓувреме односно во август годинава, Советот на Народната банка ја тргна забраната.
„Целта беше да се делува превентивно за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност и продолжени ефекти од кризата oд пандемијата на ковид-19. Како што беше соопштено при носењето на Одлуката, таа предвидува обврска најдоцна до септември 2021 година, Советот на Народната банка повторно да ги оцени околностите со пандемијата поради кои всушност е донесена Одлуката“, информираше НБРМ во август.
По тоа банките кои предвидоа, ја поделија дивидендата. Меѓу нив е и подносителот на Иницијативата односно Комерцијална банка.
