По смената на Тилерсон, Коѕијас нема што да бара во САД
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас ќе ја откаже планираната посета на САД поради смената на Државниот секретар Рекс Тилерсон кој беше отпуштен од претседателот Доналд Трамп и заменет со директорот на ЦИА Мајк Помпео.
Коѕијас денеска требаше да присуствува на церемонија на Факултетот Флечер, на Универзитетот Тафтс во Бостон.
Обраќањето на министерот за надворешни работи на Грција на Универзитетот Тафтс беше најавено од грчки портали во САД, додека пак, на официјалниот сајт на Факултетот Флечер, во најавата за денешниот настан, како главен говорник е грчкиот амбасадор во САД, Харис Лалакос.
Коѕијас во САД требаше да патува пред се како академски професор, а помалку како прв дипломат на Грција, но секако ја пропушта можноста за поголемо лобирање. Исто така поради ова патување грчките медиуми сметаа дека Коѕијас дополнително ќе ја одложи посетата на Скопје каде се очекува да пристигне со нацрт предлогот кој грчката влада го подготвува за решавање на спорот за името.
