Економија, финансии, бизнис

Контакт

По шест милиони денари годишно за стимулирање на творештвото во класичната музика

По шест милиони денари годишно за стимулирање на творештвото во класичната музика

Конкурс за поддршка на  творештвото во класичната музика во јануари ќе објави министерството за култура  со кој  ќе се стимулира создавање 50 композиции годишно за различни изведувачки состави и ансамбли.

Поддршката беше официјализирана со Меморандум за соработка кој Министерството за култура го потпиша со институциите кои продуцираат и изведуваат класична музика - Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) и Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ).

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска информираше дека  програмата за поттикнување на домашната класична музика ќе трае четири години (2014-2017) и за целиот период ќе бидат издвоени 24 милиони денари, односно по шест милиони денари за секоја година.

Конкурс ќе биде распишуван еднаш годишно и ќе трае во текот на целата година. Министерството за култура ќе формира комисија која ќе ги евалуира пристигнатите дела и ќе избира од нив. Во неа ќе членуваат композитори, претставници на СОКОМ и СМУМ, домашни и странски автори и репродуктивни уметници, кои ќе се состануваат двапати во годината - во јуни и во ноември.

- Наградите за делата кои ќе бидат селектирани, зависно од формацијата за која се создадени, ќе се движат од 500 евра за дела за аматерски состави, до 20.000 евра за крупни музичко-сценски форми, како опера и балет. По изборот на најдобрите дела, Министерството за култура ќе склучи договор со авторите,  согласно со кој авторските права за покрупните форми ќе им бидат отстапени на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија, а за камерните состави, авторските права ќе му бидат отстапени на СОКОМ, рече Канческа-Милевска.

За да се исполни целта и избраните композиции  да не останат само напишани, туку и да стигнат на сцена, проектот предвидува за изведба на новосоздадените камерни дела СОКОМ преку аудиција да формира нов ансамбл. Во него ќе учествуваат членови на СМУМ и други музички репродуктивци кои во текот на годината ќе имаат своја концертна дејност во Македонија и надвор.

За  првите луѓе на институциите кои го потпишаа меморандумот - директорите на Филхармонијата и на МОБ,  Маја Чанаќевиќ и Дејан Прошев, и претседателите на СОКОМ и СМУМ, Сони Петровски и Љубиша Кировски, поддршката е важен чекор за збогатување на фондот со нови дела, за афирмација на македонската класична музика и стимулирањето млади композитори, со што тие ќе добијат услови да ги развијат своите вештини, а нивните дела - можност да бидат слушнати.

Од 2014 година ќе почне да се применува и Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој беше донесен оваа година на иницијатива на Министерството за култура. Со него ќе биде субвенционирано годишно создавање 150 композиции од народната и забавната музика и 50 детски композиции.

Слично

Поврзани вести