Економија, финансии, бизнис

Контакт

По примерот на Владата, и Градот Скопје на оглас бара раководители

По примерот на Владата, и Градот Скопје на оглас бара раководители

Градот Скопје денеска објави  Оглас за пројавување интерес за ангажирање лица на раководни позиции во Градот Скопје, во градските јавни претпријатија и во културните институции што се во негова надлежност.

На огласот, се бараат кандидати за 16 раководни позиции во Градот Скопје, една раководна позиција во Противпожарната бригада на Град Скопје, 5 раководни позиции во културните установи на Град Скопје и 36 раководни позиции во јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Улици и патишта“, „Градски паркинг“, „Водовод и канализација“ и ЈСП

„Ги повикувам сите заинтересирани кандидати кои имаат соодветно образование, кои поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини, кои се подготвени за тимска работа и сакаат да се надградуваат да се пријават на овој оглас и да го искажат својот интерес. Сакам да нагласам дека сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно со нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности. Сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат законските услови за позицијата за која аплицираат ќе бидат повикани на интервју, дел од нив ќе бидат повикани и на тестирање и нивните податоци и препораки ќе подлежат на проверки“, рече скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

Сепак, тој потенцира дека овој оглас претставува Оглас за пројавување интерес, а не Оглас за вработување и истиот не е законска обврска на Град Скопје, но е со цел да се даде можност на што поголем број способни луѓе, да ги покажат своите квалификации.

Заинтересираните кандидати на овој оглас треба да се пријавуваат само по електронски пат, на веб-страницата на Град Скопје – www.skopje.gov.mk/konkursi, а краен рок за аплицирање е 25 јули.

Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно работно искуство и соодветно образование за преостанатите позиции, а за позициите во администрацијата на Град Скопје потребно е и повеќегодишно искуство во државна служба, да ги поддржуваат политиките на Град Скопје во областа за која се пријавуваат, да ги исполнуваат законските услови за позицијата за која се пријавуваат, како и задолжително да го познаваат англискиот јазик.

На огласот можат да се пријават и актуелните раководни лица и в.д. раководни лица на наведените институции, кои имаат можност повторно да бидат избрани од Градот Скопје врз основа на условите објавени во овој оглас. Сепак, Град Скопје тоа го смета како можност, но не и како обврска, вели Трајановски.

Огласи за пријавување на интерес за ангажирање на раководни позиции објавија и Владата на Република Македонија и Кабинетот на премиерот Никола Груевски.

Слично

Поврзани вести