ПО ПОСЕТАТА НА ХАН: Брисел ќе гради куќа од македонските политички урнатини!
Откако се сретна со владиниот врв, претседателот Иванов, и со опозициските лидери од македонскиот и албанскиот блок, Заев и Тачи, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ја напушти Македонија со кратка и воздржана порака дека се надева оти ќе се постигне значаен прогрес за европската преспектива на Македонија. Првата посета на Хан се случува во моменти кога земјата се соочува во внатрешна политичка криза и опасност од нејзино натамошно продлабочување. Според дел од аналитичарите што ги консултираше “Фактор“, посетата на Хан не е наивна, но сметаат дека Брисел треба да го зајакне присуството во земјава.
“Тивка дипломатија“ или “Одлучна акција“ ...
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ја посети Македонија во тешка политичка криза која дополнително ќе се продлабочува и за да се надмине состојбата, Европската Унија е потребно да го зајакне присуството преку свои претставници, сметаат аналитичарите.
“Имајќи предвид дека Македонија е кандидат за влез во Европската Унија, доаѓањето на европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, токму вопериод кога во државата се случуваат серија на настани, особено мега скандалите со преслушувањата на високи функционери и на голем број на
граѓани, се очекуваше со голем интерес и со надеж дека ова загрена политичка атмосфера ќе биде тема на разговорите на високиот гостин со претставниците на политичкити партии и со властите. Мојата оценка е дека присутството на Хан позитивно ке придонесе за понатамошните случувања во однос на очекувањата на опозицијата и евентуалната одговорност на врвните луге на власта. Исто така, мислам дека поголемото присуство на влијателни функционери на ЕУ во овие чувствителни моменти ќе донесе голема надеж кај граѓаните дека вистината ќе излезе на површина со утврдување на доказите,“ оценува универзитетскиот професор Веби Беџети.
Според професорот и екс-амбасадор Нано Ружин, посетата на еврокомесарот се случува во сложен политички моментум за Македонија, поради што тој излезе со воздржани коментари.
“За време на првата официјална посета на Еврокомесарот за просируванје на ЕУ Хан, можат да се извлечат неколку констатации: пред се посетата се случи во многу неповолен и сложен политички момент за Македонија, со оглед дека политичкиот дијалог не фунционира, државата ја тресат скандали на прислушувањето на опозицијата и граѓаните, а од објавените материјали јасно е дека една од главните забелешки на Комисијата за "партизацијата" и "отсуството на независноста на судството" е евидентна.
Во таквиот контекст, посетата на Јоханес Хан го покажа ограничениот делокруг на неговата позиција.“, оценува професорот Ружин и додава:
“Еврокомесарот сеуште се однесува како дел од европската администрација и менаџер, а помалку како дипломат со одредена политичка тежина. Евидентно е дека Еврокомесарот Хана во одсуство на потемелни сознанија и исчекувања од епилогот, доаѓа со јасно добиени директиви од страна на експертскиот тим на Советот и Комисијата, а тоа е да се држи до внимателноста во изјавите, инсистирањето на разрешување на актуелната криза во институциите( Парламент и Суд) и со исклучително голем респект кон опозицијата“.
Воздржаноста на Хан
По серијата на средби со власта и опозицијата, еврокомесарот Хан, во воздржан и кус коментар порача дека се надева оти на крај ќе се постигне значен напредок за европската перспектива на Македонија.
“Се надевам дека на крај ќе постигнеме значаен напредок за европската перспектива на земјата. Тука сме да ја поддржиме земјата. Понекогаш е подобро да се имаат интерни разговори со цел да се постигне напредок.“, изјави европскиот дипломат, без да соопшти детали за остварените разговори.
По средбата со еврокомесарот Хан, кратка изјава и оценка даде и премиерот Никола Груевски. Рече дека го информирал европскиот политичар за сите случувања во Македонија, но посочи дека не станало збор за предлог од Хан за надминување на кризата, туку дека биле разменети мислења.
“Поразговаравме и за актуелната политичка ситуација, кажавме она што е вистина, односно она што се случува, тоа е тоа“, изјави Груевски.
Камерите беа вперени и кон средбата на Хан со опозицискиот лидер на СДСМ Зоран Заев. По средбата, европскиот политичар кратко изјави:
“Не можам да давам јавни коментари“, додаваќи дека се обидува да се најде решение што ќе биде во интерес на земјава.
Од опозициската партија пак информираа дека тема на разговорот била актуелната политичка ситуација и, како што е наведено во партиското соопштение, "загрозените демократски процеси во државата".
“Скандалот со прислушувањето на 20.000 граѓани, упадот на власта во функционирањето на Јавното обвинителство, на судовите, местењето обвинителско - судски процеси, се само мал дел од доказите што ги поседуваме за урнисувањето на уставниот поредок на Република Македонија од страна на Никола Груевски и неколкумина негови соработници“, предочил на средбата, претседателот на СДСМ Заев.
На работната агенда на еврокомесарот Хан беа и претседателот на Македонија, Иванов и претседателот на Собранието, Вељаноски.
А.Д.
Слично
