Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПО ПОЕВТИНУВАЊЕТО НА ДРЖАВНИТЕ: Какви цени на становите може да се очекуваат?

ПО ПОЕВТИНУВАЊЕТО НА ДРЖАВНИТЕ: Какви цени на становите може да се очекуваат?
Намалувањето на цените на државните станови нема да предизвика драстични промени на пазарот на недвижности, но не е добро државата да биде конкурент на приватниот сектор, коментираат градежниците, по владината одлука за намалување на цените на 126 државни стана. Од Здружението на градежништвото при Стопанската комора на Македонија,  велат дека среќна околност е што владината одлука се однесува на мал број станови, но укажуваат дека државцата треба да создава услови за стопанисување, а не да се јавува во улога на стопанственик. -Сега нема да има промени на пазарот на недвижности бидејќи се работи за мал број станови. Но не е добро државата да се јавува како стопанственик и како конкурент. Таа треба да создава услови и амбиент за стопанисување, а кога се јавува стопанственик таа секако е во предност. Ако не направи нас неконкурентни и немоќни , тогаш нема да има од кого да собира даноци, да го полни буџетот. Сегашната одлука на Владата ја сваќам како да имаат станови и сега се бара начин како да се продадат. Во секој случај , во иднина треба да се знае која е улогата на државата а која на стопанствениците. Ако трендот продолжи и за другите станови, тогаш ние ќе бидеме хендикепирани во однос на државата, вели Никола Велковски, претседател на Здружението на градежништвото при Стопанската комора на Македонија. Владата  деновиве ја намали цената на 192 комерцијални станови во Скопје, Охрид и Струмица,изградени од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. Со намалувањето цените на 126 државни стана ќе поевтинат за 30 евра и наместо досегашните 880 евра за метра квадратен ќе чинат 850 евра.За 100 помалку односно по 599 евра за метар квадратен, ќе се продаваат 40 станови во Охрид. Во Струмица се продаваат 26 станови и нивната почетна цена наместо 570 евра ќе изнесува 499 евра за квадрат. Становите ќе се продаваат на лицитација и во цената не е вклучен данокот на доадена вредност. Една од причините за намалувањето на цените е поради владиниот проект “Купи куќа, купи стан”. Огласот за продажба на становите  ќе биде објавен наредната недела. Од остварениот профит со продажбата на овие станови државата ќе гради социјални станови, а 10 % одат за децата  без родители како проект на Владата. -Практично со оваа одлука сакаме да ги доближиме граѓаните до проектот на Владата „Купи куќа, купи стан“ преку кој според последните бројки досега се купени 470 станови, изјави министерот Јанакиески. Министерот уверува  дека со владината одлука нема да се наруши пазарот на недвижности, туку напротив ќе се поттикнеле приватните компании да ги намалат цените. -Со оваа одлука немаме намера да го рушиме пазарот на недвижности, туку напротив сакаме да понудиме цени кои се подостапни за граѓаните заинтересирани да купат стан изграден од државата.Можеби на овој начин ќе предизвикаме намалување на цените на становите конкретно во Скопје, изјави Јанакиески. Директорот на АДСДП, Цветко Грозданов изјави дека тие и досега оделе со 10 до 15 проценти пониски цени од оние коишто ги нудат правните субјекти,и дека намалувањето на цените нема да влијае врз финансиската стабилност на друштвото. Од друга страна од приватните компании велат дека дека цените на становите нема да паѓаат и покрај големата понуда на пазарот, бидејќи лимитот на најниска цена е веќе достигнат и доколку трендот продолжи комапниите ќе работат во загуба. -Градежните компании кои градат станови велат дека цената е таа и дека е достигнат лимитот за намалување на цените. Точно поевтинија горивата, но еве сведоци сме дека цената на нафтата повторно расте и ние н можеме да направиме такви драстични промени, цената на квадратот не може да варира на дневна основа, вели  Роберт Хот, Градежна комора при Сојузот на стопански комори на Македонија. Градежниците велат дека цените и сега се формирани според потребите на граѓаните. Во зависност од локацијата, во Скопје цената за метар квадратен се движи од 800 до 1.200 евра/ -Ние како стопанственици формираме цени кои гледаме да бидат достапни за граѓаните.Цените на становите веќе се намалени. Некој што сака да дојде до брзи пари сега може да ги намали цените но тоа ќе биде моментална одлука, бидејќи на долгорочен план ќе работи со загуба, вели Велковски. Лани цената на становите се намали за 0,6% на годишно ниво Според податоците од Народната банка на Македонија, индексот на цената на становите во Скопје последниот квартал од 2014 година бележи пад од 5,3 проценти, што според НБРМ е резултат на континуираниот раст на понудата на станови. На годишна основа намалувањето е 0,6 отсто.Ако се земе во предвид податокот од НБРМ за раст на станбените кредити, тогаш пораст е регистриран и на побарувачката на станови во четвртиот квартал од 2014 година. Во периодот 2011-2014 кумулативната вредност на станбени објекти е за 72 отсто повисока, период кога стартуваше проектот на државата „Купи куќа, купи стан“, во однос на периодот 2007-2010 година. Според податоците од Државниот завод за статистика, во ноември лани  изградбата на станови е порасната за 54,4 остсо повеќе во споредба со истоит месец претходната година. Во ноември минатата година биле одобрени 281 дозвола за градење на згради, инфраструктурни објекти и реконструкции за што предвидено е да се вложат околу 59 милиони евра. Вредноста на објектите што треба да се изградат со овие градежни дозволи е за 83,9 отсто поголема отколку во годината пред тоа. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 181 се наменети за објекти од високоградба, 41 за објекти од нискоградба и 59 за реконструкција. На 184 објекти како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 97 објекти се деловни субјекти.Најмногу дозволи за изградба на станови се издадени во Скопскиот регион, односно 128 од кои 32 се предвидени само во општината Ѓорче Петров. Упатените сметаат дека поттик на растот на интересот за градба се и  намалените кредитни камати, а токму поради нив пораснал и интересот на граѓаните за купување станови. Лани банките ги намалија каматите за станбените кредити на 2, 9 до 3 отсто за првите три години и до 7 отсто за остатокот од отплатата на кредитот. Пониските камати се резултат и на проектот „Купи куќа, купи стан“ преку кој Владата субвенционира дел од ратата или од учеството.Но и покрај намалените камати и падот на цените на становите, според ланското истражување на српски „Блиц“, македонците од целиот регион најдолго  отплаќаат стан, односно за да отплатат стан од  100.000 евра мора да работат цели 25 години и 2 месеци, повеќе дури и од жителите на Република Српска, на кои за отплата на поголем стан им се потребни 19 години и 3 месеци. Ј.С
Слично

Поврзани вести