ПО ПОДОЛГО ВРЕМЕ: Пензискиот фонд користел позајмици за исплата на пензии
Пензискиот фонд за прв пат по повеќе години и време за кое се сметаше дека е веќе минато, користел позајмици за редовно да ги исплати пензиите и да ја покрие дупката што се јавила помеѓу приходите и трошоците.
Фондот за пензиско осигурување признава дека кон крајот на минатата година на два пати бил неликвиден и морал да позајмува, покрај редовната државна помош што ја добива од буџетот. Ова го открива објавената годишна сметка за 2023 на фондот.
„Фондот покрај трансферните средства од Буџетот на Републиката, утврдени со Буџетот на Фондот за 2023, користеше и позајмица за исплата на пензиите за месец октомври и ноември 2023 година“, резимира Фондот во завршната сметка.
Планираните приходи морало да се зголемат во текот на годината за повеќе од 4 милијади денари,а толкав на крајот на годината бил „минусот“ од направените редовни приходи и расходи. На крајот се собрале 4,78 отсто помалку пари од вкупно планираните. Изворни приходи од придонесите биле 1,6 милијарди евра и нивното учество во Фоднот изнесувало 65,74 итсто. Се останато главно било зависност од државна помош што следувала директно од буџетот. Бројот на корисниците на старосна пензија се зголемил за 2,12 отсто во текот на годината.
ПИОМ порано вообичаено користеше позајмици кога нема да ги добие планираните приходи и поради тоа Фондот користеше вонредни заеми од буџетот за да нема доцнење, односно да има редовна исплата на пензиите, а потоа парите ги враќаше од понатамошните приливи.
Околу 164 милиони евра годишно треба да издвои Владата од буџетот за да го обезбеди линеарното покачување од 2.500 денари месечно за сите приматели на пензии во Северна Македонија.
Експертите велат дека пари за повисоки пензии може да се добијат со ново задолжување, со зголемување на старосната граница за одење во пензија, со зголемување на процентот на придонес за пензиско осигурување, нешто што веднаш наиде на отпор кај работодавачите, или да се зголеми соодносот меѓу вкупниот број на вработени и пензионери во државата, што е рамно на фикција ако се погледне демографската ситуација.
А.К.
