По изборниот финиш следуваше бран огласи, во јавната администрација за една година избрани 1.091 кандидати
Новиот извештај на Агенцијата за администрација покажува остар раст на одлуките за избор на нови примени административци во 2025 година, а фактот што повеќе од половината јавни огласи биле објавени во ноември и декември отвора сериозни прашања за темпото и за времето на новите вработувања. Бројот на избрани кандидати за една година е зголемен за неверојатни 132,62 отсто.
Новообјавениот извештај на Агенцијата за администрација покажува дека во делот што се однесува на одлуките за избор забележан е изразит раст на вработувањата во 2025 година во споредба со 2024 година. Станува збор за податоци што се однесуваат на административни службеници, односно на јавната администрација опфатена со постапките на Агенцијата, а не на целокупниот јавен сектор како што е здравството и образованието.
„Во 2025 година на интернет страницата на Агенцијата беа објавени одлуки за избор на кандидати за вработување за 789 јавен оглас, од кои 417 јавни огласи на институциите на државната власт, а 372 јавни огласи на институциите на локалната власт. Со одлуките за избор, во 2025 година извршен е избор на 1091 кандидат за вработување, од кои 573 кандидати за институциите на државната власт и 518 кандидати за институциите на локалната власт.“, јасно е наведено во извештајот.
Споредбата меѓу двете години покажува нагол пресврт. За само една година бројот на избрани кандидати се искачил од 469 на 1.091. Тоа значи дека јавната администрација во 2025 година добила уште 622 избрани кандидати повеќе од претходната година. Особено впечатлив е растот кај институциите на државната власт, каде бројот на избрани кандидати се зголемил од 154 на 573.
И самиот извештај ја потврдува острината на овој скок. Во споредбениот дел е наведено
„бројот на објавени јавни огласи е зголемен за 175,11%, при што институциите на државната власт објавиле повеќе јавни огласи за 300,58%, а институциите на локалната власт објавиле повеќе јавни огласи за 97,82%.“
Во истиот дел стои и следново
„бројот на избрани кандидати е зголемен за 132,62%, при што бројот на избрани раководни административни службеници е зголемен за 224,52%, бројот на избрани стручни административни службеници е зголемен за 123,56% и бројот на помошно-стручни административни службеници е зголемен за 114,28%.“
Оваа бројка добива уште поголема тежина кога
ќе се спореди покрај податоците од 2024 година. Во документот за претходната
година стои
„Во 2024 година на интернет страницата на Агенцијата беа објавени одлуки за избор на кандидати за вработување за 273 јавен оглас, од кои 68 јавни огласи на институциите на државната власт, а 205 јавни огласи на институциите на локалната власт. Со одлуките за избор, во 2024 година извршен е избор на 469 кандидати за вработување, од кои 154 кандидати за институциите на државната власт и 315 кандидати за институциите на локалната власт.“
Овие податоци сами по себе се доволни да отворат сериозна расправа за обемот на новите вработувања. Во време кога јавноста со години слуша за рационализација, ефикасност и подобро управување со институциите, извештајот дава сосема поинаква слика. Наместо воздржано кадровско пополнување, бројките покажуваат силно ширење на јавната администрација, при што најизразен е растот во државните институции.
Особено значаен е и временскиот распоред на огласите. Во извештајот е наведено
„Повеќе од половината објавени јавни огласи се објавени во последните месеци од 2025 година (ноември и декември).“
Токму овој податок му дава дополнителна тежина на целиот извештај. Ноември и декември се совпаѓаат со периодот по завршувањето на вториот круг од локалните избори, по што започнал и најсилниот бран на огласи. Таквиот распоред неизбежно отвора прашања за мотивите, за приоритетите и за начинот на кој бил темпиран приемот на нов кадар во јавната администрација.
Извештајот покажува и дека овој раст опфаќа различни категории работни места. Во 2025 година биле избрани 172 раководни административни службеници, 664 стручни административни службеници и 255 помошно-стручни административни службеници. Токму кај раководните позиции е забележан и највисок процентуален раст, што дополнително го засилува впечатокот дека не станува збор само за тековно пополнување на испразнети места, туку за поширока кадровска експанзија.
- Филип Костов
