По Грција, и овие земји размислуваат за ублажување на правилата на ЕЕС пред сезоната: „Ова е целосен неуспех“
По Грција, и други европски земји размислуваат за ублажување на правилата од ЕЕС пред туристичката сезона, поради страв од големи гужви и застои на границите и аеродромите.
Грција веќе направи чекор во таа насока, а Италија и Португалија се споменуваат како следни земји кои би можеле да го олеснат спроведувањето на новите правила, со цел да се избегне хаос во периодот на засилен летен туризам, пренесуваат британските медиуми.
Според одредени извори, ваквиот пристап би можел да предизвика „бран ефект“, па на листата потенцијално би се приклучиле и други медитерански земји, меѓу кои се споменува и Хрватска. Ова отвора прашање за нерамномерна примена на системот во рамки на Европската Унија.
Станува збор за ЕЕС (Entry/Exit System), нов дигитален систем на ЕУ кој треба да го замени печатирањето на пасошите. Тој предвидува автоматско евидентирање на личните податоци, патните исправи, како и датумот и времето на влез и излез на државјани од трети земји во Шенген-зоната.
Сепак, неговата примена веќе предизвика сериозни застои на некои од најфреквентните европски аеродроми. Поради тоа, Грција најави дека во одредени случаи ќе овозможи побрза контрола за патниците, без задолжително земање отпечатоци од прсти и биометриско скенирање.
Во Португалија, пак, веќе се применува пофлексибилен пристап, при што во услови на големи гужви патниците се пропуштаат без подолги задржувања. Се очекува Италија да следи сличен модел, особено во пресрет на зголемените патувања во пролетниот и летниот период. Се шпекулира дека и Шпанија и Франција би можеле да преземат слични мерки.
Претставници на туристичкиот сектор предупредуваат дека воведувањето на ЕЕС во сегашната форма претставува сериозен проблем, оценувајќи дека системот е технички неподготвен за ваков обем на патници. Тие посочуваат дека туристите носат значајни приходи за економиите, па земјите немаат интерес да ризикуваат намалување на туристичкиот промет.
Сè погласни се и повиците за привремено олеснување на правилата. Од авиокомпанијата „Рајанер“ предупредуваат дека патниците веќе се соочуваат со повеќечасовни чекања, а во некои случаи и пропуштаат летови поради новите процедури.
Доколку трендот на ублажување продолжи, експертите предупредуваат дека ЕЕС може да се применува нерамномерно низ Европа, што во пракса би можело да ја доведе во прашање неговата ефикасност уште во самиот почеток на туристичката сезона.
Б92