По електронски пат компаниите ќе се потсетуваат за роковите за дозволи и лиценци
За истекот на роковите за различни дозволи и лиценци компаниите ќе се потсетуваат по електронски пат, со цел да не доцнат со апликациите.
- Со електронскиот потсетник, 30 дена пред истекот на рокот за поднесување на дозволите и лиценците, во електронска форма ги известуваме компаниите дека треба да ги обноват документите, изјави Билјана Д. Стојановска, државен советник во Министерството за економија.
На работната средба во Министерството за економија со претставници од Услужната и трговската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија е разговарано и за проблемите со кои се соочуваат компаниите во нивното работење.
- Позитивна работа е тоа што почнува да се разговара и да се бараат решенија. Постојат потешкотии во работењето на бизнис секторот, меѓутоа ако почнеме заеднички и квалитетно да ги разгледуваме, се надевам дека во најкус временски период ќе најдеме решение, истакна Владимир Билбилов од Групацијата на импортери на нови моторни возила при Сојузот на стопански комори.
Во однос на пазарот на нови возила, Билбилов информира дека увозот и продажбата на нови возила во последните четири години е во континуиран пад.
- Тоа е долгорочен бизнис. Ние правиме долгорочни инвестиции така што треба да се помогне на некој начин, односно да се создадат услови паралелно да може да се функционира како со новите, така и со половните возила. Нашите барања се транспарентни и едноставни. Сакаме да создадеме критериум кој ќе биде квалитетен и сите нас ќе не движи поблиску до сите регулативи и закони во Европска унија, рече Билбилов.
