По договорот за К-15 во приватниот сектор, ССМ в година ќе бара враќање на ова право и во јавниот сектор
Говорејќи за приоритетите за наредната 2014 година, претседателот на ССМ Живко Митревски на денешната средба со новинарите информираше дека в година ќе започнат преговорите за исплата на регрес на годишен одмор или т.н. К-15 во јавниот сектор.
- Сметаме дека 2014 ќе биде година кога постепено ќе излегуваме од кризата, а тоа значи дека ќе ги отпочнеме преговорите да го утврдиме ова право и за работниците во јавниот сектор, рече Митревски.
Освен ова, од ССМ планираат да ги продолжат и разговорите со сите релевантни институции околу корекцијата на минималната плата.
- Во 2014 година ќе ги отпочнеме разговорите околу минималната плата. За тоа разговаравме и ќе имаме посебна средба со стопанските комори и со организациите на работодавачи, како и со Министерството за труд и социјална политика со цел да ги анализираме можностите за одредени корекции во делот на минималната плата бидејќи во 2014 година очекуваме да попушти кризата и притисоците што се рефлектираат врз севкупната економска состојба, истакна Митревски.
Во однос на реакциите на дел од стопанствениците дека со утврдувањето на исплатата на К-15 во стопанството за приватен сектор нема да се подобри животниот стандард на работниците, Митревски рече дека не станува збор за високи износи кои компаниите не можат да ги издржат.
Како дел од приоритетите на ССМ за идната година е и продолжување на процесот на формирање на локалните економско-социјални совети.
Слично
