ПО ЧИИ АКЦИИ ИНВЕСТИТОРИТЕ БУКВАЛНО „ПОЛУДЕА“ ВО МАЈ - ова се друштвата, тие се стабилни, профитабилни и перспективни
Кога некоја акција е атрактивна, атрактивна е. Берзанскиот билтен за мај објавен вчера, говори дека инвеститорите преферираат да вложуваат во неколку одредени акции, и веројатно не сакаат да се откажат од нив и да „експериментираат“ со други хартии од вредност.
Кој оствари најголем промет во петтиот месец од годинава.
Погодувате, тоа и натаму е најголемата македонска банка, Комерцијална, која и онака беше интересна за купување акции, но веројатно интересот се зголеми откако банката влегува во процес на спојување кон неа на Стопанска банка Битола. Цената на акцијата на Комерцијална банка е во постојан раст, а многу често со таа акција поминуваат и блок трансакции, кога се продаваат извесни количина акции по договорена цена за познат купувач. Со акцијата на Комерцијална банка во мај е остварен вкупен промет од 1,76 милиони евра, што опфаќа 26,2 отсто од вкупниот берзански промет во претходниот месец. Сепак, за волја на вистината, ова е помал промет во споредба со фантастичниот април, кога со акциите на ова друштво се свртеа близу три милиони евра.
„Опасен“ играч кој се повеќе станува интересен за инвеститорите станува НЛБ Банка, со чија акција се повеќе се тргува, иако оваа трета по големина банка во земјава има јасно изразен доминантен акционер, а тоа е Нова Љубљанска банка Љубљана, која поседува дури 86,97 отсто од акциите. Но, сепак, преостанатиот акционерски капитал од околу 13 отсто е многу интересен за инвеститорската заедница, се разбира поради големите профити на банката, и можностите за остварување на солидни дивиденди, но и капитални допбивки. Во мај со акциите на НЛБ банка на Берзата се свртеле 1,58 милиони евра, или 23,5 отсто од вкупниот берзански обрт, со што оваа банка избива на второ месето на листата на пазарот на капитал.
Традиционалниот берзански „бестселер“, а тоа е акцијата на фармацевтскиот гигант „Алкалоид“ е секогаш во врвот. Тоа е една од најбараните акции, и со цена која постојано расте, но и покрај тоа е многу барана од инвеститорите. За нив, пак, секако влијание има и одлично развиениот бизнис на компанијата, но и големите перспективи и стабилноста, покрај мотивацијата за дивиденди и за капитални добивки. Акцијата на „Алкалоид“ во мај оствари вкупен промет од 1,55 милиони евра, или близу 23 проценти од вкупниот берзански промет.
Потоа, следува акцијата на „Макпетрол“, со промет од 569 илјади евра или 8,46 отсто од вкупниот, па „Македонски телеком“ со 306 илјади евра или 4,54 отсто.
Со акциите на Стопанска банка Скопје во мај бил направерн промет од 284 илјади евра, а со оние на УНИ Банка имало обрт од 168 илјади евра.
Додека, пак, со акциите на „Гранит“ обртот е 145 илјади евра, на „Реплек“ 113 илјади евра, а на ТТК банка 43 илјади евра.
Интересно е да се спомене дека акциите на сите останати котирани акционерски друштва, над 80 на број, имале вкупен обрт од само 213 илјади евра, или 3,17 проценти.
Н.Н.Ф.