Плинот поевтинува за 5 денари по литар, Владата вели дека намалувањето е резултат на анализа и договор со трговците
Од полноќ, малопродажната цена на течниот нафтен гас, односно плинот, на бензинските станици на „Макпетрол“ е намалена за 5 денари по литар и сега изнесува 54 денари, наместо досегашните 59 денари. Ова денеска на прес-конференција го соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева, која рече: „Од полноќ, Макпетрол ја намали малопродажната цена на течниот нафтен гас, односно плин, за 5 денари по литар. Од 59 на 54 денари.“
Според информациите што ги изнесе, во трговијата на големо е регистрирано намалување од 10 денари по килограм, што, како што беше посочено, во пресметка изнесува околу 5 денари по литар. Таа додаде дека ваквиот тренд веќе го следат и другите компании на пазарот, при што цените на течниот нафтен гас во малопродажба на дел од бензинските станици се движат меѓу 53 и 54 денари по литар.
Митева изјави дека намалувањето произлегува од анализа спроведена од Државниот пазарен инспекторат, по што следувале разговори со трговците и договор за намалување на бруто-маржите. „Ова намалување е резултат на анализа која што е направена од страна на Државниот пазарен инспекторат и преку договор и преземена одговорност со страна на трговците, доаѓаме до намалување на брутомаржите“, рече Митева.
Таа посочи и дека целта е ваквото ниво на цени да се задржи и во наредниот период, со цел да се избегнат нови осцилации. Според изнесеното на прес-конференцијата, намалувањето е поголемо од 10 проценти во трговијата на големо, додека во малопродажбата се движи меѓу 9 и 10 проценти.
