Пленумци в понеделник на улица: против давачките за хонорари!
Студентски пленум донесе одлука за приклучување кон протестот што во понеделник ќе се одржи против зголемувањето на давачките за хонорари. Пред малку на својата фб страна студентите ја објавија оваа информација:
„Измените на законот за придонеси на Владата на Република Македонија го засегаат и македонскиот студент (и пошироко, секој оној кој е во некаков работен однос во Македонија). Со менување на законот за придонеси, голем број на студенти ќе бидат на удар и маката на тие студенти коишто работат на договор на дело или добиваат некакви си симболични хонорари ќе се зголеми. Во услови на голема невработеност и тешко доаѓање до работа и хонорар и со оглед на крајно лошата социјална положба на многу студенти, овие измени ќе ги докусурат студентите со дополнителни плаќања кон државата.
Затоа, на протест! Студенти сме извесно време, граѓани сме до смртта. На општеството не му го должиме само нашиот студентски ангажман, туку и нашата граѓанска свест.
Студентскиот пленум го поддржува протестот против измените на законот за придонеси. Пленумци и пленумки ќе бидат на улиците, како хонорарци, идни хонорарци, како вработени и совесни граѓани“, стои во дописот од Студентски пленум.
Иако во јавноста пред извесен период имаше шпекулации дека Законот за задолжително социјално осигурување за авторските и договорите на дело ќе се пролонгира, Владата не отстапува од примената. Надлежните тврдат дека законот е по европски терк, а бенефит ќе имаат и работниците и работодавците.
Министерот за труд и социјална политика изјави дека воведувањето задолжително социјално осигурување за лицата коишто имаат приход по основ на авторски договор и договор за дело овозможува за сите коишто не ги исполнуваат условите за старосна пензија да докупат или да ги одработат тие години кои што им недостасуваат.
Потписниците на повелбата за солидарност поддржани од голем број организации и поединиц, ќе протестираат во понеделник.Под мотото „НЕ ЗА ПРИДОНЕСИ“ за авторските и договорите на дело, и најавија дека ќе протестираат поради, како што велат, лажните социјални мерки кои ќе ги остават хонорарците со 35 отсто помали примања, без перспектива за вработување и без загарантираните права од Законот за работни односи.
Тие минатата недела доставија барање за средба со министерот Спасов и му дадоа рок до овој вторник да ги повика на средба, на која сакаа да му образложат зошто треба да се повелече законот.
Слично
