Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПЛЕНУМ ЗА ПОДОБРО ШКОЛСТВО: Расте незадоволството кај средношколците!

ПЛЕНУМ ЗА ПОДОБРО ШКОЛСТВО: Расте незадоволството кај средношколците!
Средношколците стануваат се  поединствени во ставот против лошите реформи во основното и средното обраозование. Велат дека екстерното тестирање и државната матура на начинот на кој се спроведуваат се неефикасни и непотребни. Според средношколката Теано Кардула, член на Средношколскиот пленум, за спроведување на овој модел на тестирање и оценување нема доволно  технички капацитети, а резулатите  на крајот даваат нереален приказ на нивното знаење. Оценката вели таа треба да биде вкупен резултат од тестирањата во текот на целата учебна година, покажаните знаења на часовите, интерактивноста, активноста  и вклученоста на ученикот во текот на наставата. “Како средношколец, лично, главните проблеми ги детектирам во честото и брзото менување на наставните програми и реформите како државна матура и екстерно тестирање и начинот на нивно изведување.Секако тука и се проблемите кои долго време не се решени,условите во средните училишта. Голем број немаат соодветна апаратура за вршење на експерименти кои се потребни во поголем дел од природните науки. Оттука произлегува уште еден проблем, односно од тие науки ние ја знаеме теоријата,но ни недостига и примена и потврдување на истите”-вели средношколката Теано. Обременетите  наставни планови и програми кои го оптоваруваат секојдневието на учениците, наставниците, родителите, според неа,  дополнително ги усложнува лошо осмислениот  начин на екстерно проверување на знаењата на учениците кое има директни  импликации врз успехот на учениците. “Екстерното тестирање во текот на годините се покажа неефикасно,па дури и непотребно.Се соочивме со бројни проблеми почнувајќи од техничките.Паѓање на компјутерскиот систем,па потоа немање доволен број компјутери при што децата не може да полагаат во еден ист термин.Исто така е тестирање кое е нереален приказ на знаење.Крајната оценка се гради според критериумите за оценување,односно тука влегуваат и усно оценување, тестови, домашни и активност на часот. Според мене,нема ни рамномерна распределба на предметите,односно додека некои деца полагаат математика и македонски добиваат предходно 800 прашања (400 за секој посебно), некои деца полагаат ликовно и музичко за кои добиваат од 200 до 300 прашањаИсто така и оние кои се 4та години,полагаат во јануари,на материја од едното полугодие, а оценката им влегува во сведителството каде што треба да фигурираат оценки за материјалот од целата година. Државната матура,лично сметам дека треба да биде заменета со приемни испити на факултет. На тој начин средношколците ќе си го покажат знаењето за одредената сфера за која се заинтересирани,а не да полагаат предмети кои нема да им бидат од корист во понатамошните студии. Сега кога и математика е задолжителен предмет,секојдневно слушам прашања меѓу средношколците,како на пример, зошто да ја полагам математиката,кога сакам да одам на филолошки?”-додава Теано Кардула-ученичка од гимназијата “Јосип Броз –Тито”. Нов модел за јакнење на образовниот систем Екстерните проверки се дел од многу образовни системи но нивните резултати се користат за да се направи компаративна анализа и да се добие јасна слика за степенот на исполнување на стандардите во образованието. Затоа  според средношколците треба да се бара нов модел за јакнење на образовниот систем, кој ќе биде  заснован на почит, уважување, советување, мотивација,  поттик,  помош, преиспитување и  креирање вредности. Македонија, според наставниците и според учениците е можеби единствениот образовен систем во Европа и светот каде  се врши екстерно тестирање на учениците секоја година од трето одделение до четврта година средно образование. “Дел од средношколците во своите сведителства имаат единици, кои го оштетуваат нивното понатамошно школување.Освен што значително влијаат врз успехот,за тие што се заинтересирани да ги продолжат своите студии во странство,сведителството не им е признаено.Деновите пред екстерно се многу стресни.Децата откако ќе ги дознаат предметите кои ги полагаат се собираат за заедно да ги решат,да се консултираат и да си помогнат меѓу себе.Во таков случај фокусот оди на оценката, а не на знаењето.Како што ги споменав и предходно,оценување на ученик со 30 прашања, добивањето единици во сведителство и екстерното оценување кај матурантите се главните нелогичности.За да се реши ова,според мене треба менување на целиот концепт на екстерното оценување, а со тоа и импактот на оценката од екстерно врз целосниот успех”-потенцира средношколката Теано. Државата нема доверба во себе?! Дополнителен проблем, според средношколците, е што за време на своето основно и средно образование, ученикот го насочува своето образование кон одредена професија, а на крајот полага државна матура која се состои од три задолжителни предмети, македонски јазик, математика и англиски јазик, четвртиот испит е по избор на ученикот и изработка на проектна задача -семинарски труд која се брани пред комисија од наставници. Оттука според нив, логично се поставува прашањето дали  државата нема доверба во веќе осмислените механизми за проверка на квалитетот на знаењата на учениците, па дополнително ги оптоварува со уште едно сериозно задолжение-математиката како задолжителен предмет со кој ги ограничува и отежнува нивните идни афинитети кон сосема друга професија. Покрај тоа и оценките од екстерното тестирање влегуваат во свидетелствата и влијаат врз успехот на учениците. Но според средношколците, има најразлични ситуации во кои учениците се оценети нереално и на учениците им е нанесена штета со тоа што таа оцена за многумина е пресудна за упис на факултет и  оневозможува да се исполни нечиј животен сон поврзан со професионалната ориентација на младите. “Тука мислам дека влегува и начинот на кој учениците гледаат на математиката но и на тоа како ни е претставена,а честопати се добива слика дека тоа е нешто страшно. Поголемиот дел посетуваат и приватни часови поради тоа што имаат сериозни проблеми со математика.Многу е логично дека на тие што едноставно не им оди многу математиката образованието ги продолжуваат во друга насока.На нив,како и на другите, не им се дава право на избор.За да биде успешно спроведена ваквата реформа,мора да се почне со менување на  целиот систем,односно да се почне од корен,од прва година.Да се направи една поразлична програма од досегашната”-смета ученичката Теано Кардула. Пленумот почнува да делува Средношколците членови на пленумот во иднина планираат да ги актуелизираат проблемите во образованието и очекуваат да бидат сериозно разбрани од надлежните бидејќи нивните ставови се аргументирани и реални проблеми за кои долго време се молчи. “Како средношколец,сакам да упатам апел до сите надлежни дека треба ни го слушнат гласот и ставот. Ние не сме и не сакаме да бидеме експериментални глувци за една сфера која има најголемо влијание врз градењето на нашата личност, а тоа е образованието. Мислам дека повеќе е стравот застапен од притисоците. Исто како што дел од учениците се согласуваат јавно да дебатираат за проблемите, така и дел од наставниците се подготвени отворено да говорат за ова. Има и такви ученици кои едноставно се плашат да си го искажат своето мислење. Но сепак сме на една специфична возраст каде што едноставно не се чувствуваме сигурно”-нагласува Теано Кардула. Учениците и наставниците досега многупати алармираа и порачуваат дека за враќање на доверба во системот, потребна е комплетна ревизија на постоечките законски решенија, потребно е да се направи темелна анализа на состојбите и проблемите во предучилишното , основното, средното и високото образование за  да се посочат слабостите во сите нивоа на образование. Дополнително сметаат дека е потребно растоварување од големиот број предмети кои се изучуваат во основното и средното образование, да се зголеми користење на националните тестови и резултатите од меѓународните тестирања кои треба да бидат показател на слабостите во образовниот систем и во зависност од истите да се креираат понатамошните образовни политики. Квалитетен образовен систем, велат, треба да  промовира демократски вредности и да произведе квалитет на пазарот на трудот. С.Б.
Слично

Поврзани вести