Плаво небо или затишје пред бура - што го чека инвестицискиот океан во 2026 година
Гледајќи наназад, 2025 година се покажа како уште една извонредна година за оние кои ги игнорираа насловите и му веруваа на пазарот. Индексот S&P 500 оствари поврат од приближно 16% (исклучувајќи ги дивидендите), заокружувајќи ја „неверојатната“ тригодишна серија која следеше по добивките од 23% во 2024 и 24% во 2023 година. Ако останавте целосно инвестирани во овој период, имате секаква причина за славење. Она што е најзабележително е дека овој раст опстоја и покрај пејзажот преполн со препреки: високи каматни стапки, повеќекратни глобални конфликти, неконтролирана инфлација и постојаната закана од затворање на американската влада. Сепак, една сила се чинеше дека ги засени сите кризи и владееше со пазарот: Вештачката Интелигенција (ВИ).
Пазар поделен од иновациите
Кога ќе ги анализираме слоевите на успешноста во 2025 година, доминацијата на дигиталната граница станува неспорна. Технолошкиот сектор испорача поврат од 24%, следен веднаш од комуникациските услуги со 22%. Ниту еден друг сектор не успеа да ја пробие границата од 20%, оставајќи ги индустријата, финансиите и здравството во ретровизорот — со добри перформанси, но сепак заостанувајќи зад вртоглавото темпо на поширокиот пазар.
Овој натпросечен успех не треба да го изненади никого кој внимателно ги следи финансиските извештаи. Масовните капитални расходи за ВИ се гориво за невидениот мотор на раст на Nvidia (NVDA) и Broadcom (AVGO). Во меѓувреме, (cloud) титаните — Microsoft (MSFT) и Amazon (AMZN) — ги жнеат плодовите од капиталните инвестиции додека усвојувањето на ВИ се вплетува во секој агол на глобалната економија. Сведочевме и на драматичен пораст на крајот на годината кај Google (GOOGL), кој конечно се ослободи од товарот на тужбата за монопол и приреди масовно „ВИ враќање“. Слично на тоа, Meta Platforms (META) напредуваше, користејќи препораки за содржина водени од ВИ за да го зголеми ангажманот на корисниците и да привлече рекордно трошење на реклами.
Маките на „досадните“ и недвижностите
Сепак, „силниот бик“ на 2025 година не ги подигна сите бродови. Секторот за основни потрошувачки добра и недвижностите всушност остварија негативни приноси — реалност која изгледа уште попесимистички кога ќе се прилагоди за инфлацијата. Во пазар опседнат со раст, малку инвеститори сакаа да ги држат „досадните“ акции како PepsiCo (PEP) или Procter & Gamble (PG). Овој сектор моментално е заглавен меѓу чеканот и наковалната: високите цени конечно се соочуваат со пад на побарувачката, особено кај потрошувачите со пониски приходи. Понатаму, подемот на GLP-1 „лековите - чудо“ од Novo Nordisk (NVO) и Eli Lilly (LLY) фундаментално ги менува долгорочните изгледи за компаниите кои продаваат „калориски бомби“.
Недвижностите се соочија со сопствена тешка битка. Дури и кога ФЕД (Fed) почна да го менува курсот, тоа не беше доволно да се компензира болката во оваа класа на средства чувствителна на каматните стапки. Високите трошоци за рефинансирање и падот на стапките на капитализација продолжуваат да вршат притисок врз вреднувањето на имотите, при што канцелариските REIT-ови и секторите за хотели и слободно време се соочуваат со структурни предизвици кои нема да исчезнат преку ноќ.
2026: Замката на стратегијата за „Нова година“
Најчестата грешка што ја гледам со вртењето на календарот е желбата да се промени победничката стратегија. Само затоа што влеговме во нова година, не значи дека треба да „кренете раце“ од она што функционираше во 2025 година. Тоа е најбрзиот начин да заработите потпросечни приноси. Финансиските медиуми се во бизнисот со продажба на кликови и огласи — а не во максимизирање на вашето портфолио. Ако ги погледнете историските препораки од 2020 до 2023 година, ќе откриете дека „тивкиот“ инвеститор кој едноставно го купил Vanguard S&P 500 ETF (VOO) и не правел ништо, ги надминал скоро сите „жешки совети“ во вестите.
За 2026 година, мојот совет е едноставен: Не ги бркајте трендовите, останете инвестирани и пред сè, не се обидувајте да го предвидите пазарот (market timing).
Без разлика дали самите избирате акции или сте љубители на ETF, држете се до вашата стратегија. Чекориме во непознатото, но „времето поминато на пазарот“ останува единствената вистинска предност што ја има индивидуалниот инвеститор.
Загриженост околу вреднувањето
Дали 2026 година ќе донесе 10% пазарен принос, или можеби поцврсти 15%? Искрениот одговор е дека никој не знае, иако јас секако останувам со надеж. Мојата лична стратегија останува непроменета: останувам целосно инвестиран, продолжувам со стратегијата на континуирано вложување (dollar-cost-averaging) во основните позиции и барам акции со атрактивни цени за да ги пополнам празнините.
Ако ја погледнеме годината пред нас чисто низ призмата на фундаменталното вреднување и очекуваниот раст на заработката, шансите за позитивен принос се високи. Сепак, тие проекции не ги земаат предвид настаните од типот „Црн лебед“ — кредитна криза, инфлациски шок, неликвидност во Кина или геополитичка ескалација во Европа — кои инстантно би можеле да ги направат нашите пресметки застарени.
Она што ме замислува денес е еден единствен, неспорен факт: пазарот не е евтин. Соодносот цена-добивка за последните 12 месеци (TTM P/E ratio) на S&P 500 навлегува во загрижувачки нивоа од 28.1x во споредба со петнаесет годишниот просек на истиот индикатор кој е околу 20x. Доколку на ова го додадеме циклично прилагодениот (Schiller P/E) индикатор кој е на ниво од 39.09x, кој преставува мерка за валуација на пазарот кој ја дели тековната цена на акцијата со просекот на заработките во последните 10 години прилагодени за инфлацијата, е на рекордни нивоа. Ова е второто највисоко ниво од 1880 година досега. Единствениот пат кога соодносот (Schiller P/E) бил повисок е за време на „dot-com“ балонот во 2000 година, додека во периодот 2020-2021 година се приближи до нивото од 38,5x. Откако пукна „dot-com“ балонот, индексот се намали за 49%, а по 2021 година падна за околу 25%.
Иако „минатите резултати“ се излитена фраза во финансиите, сегашното вреднување останува еден од најсигурните индикатори за идните приноси. Историјата сугерира дека на овие нивоа, треба да очекуваме годишни приноси во опсег од 0–4% во текот на следните неколку години. Доколку инвеститорите знаеја со сигурност дека следните пет години ќе донесат толку слаби резултати, сигурноста на американските државни обврзници би била очигледниот избор.
Сепак, историјата нè учи и дека „времето во пазарот“ речиси секогаш го победува „предвидувањето на пазарот“. Дури и оние кои купуваа на катастрофалните врвови во 2000 или 2007 година, на крајот излегоа како „генијалци“ 15 години подоцна — под услов да не го изгубија апетитот и да продолжија со инвестирање за време на падовите.
Влегуваме во непознатото во 2026 година, особено со ризикот од одлевање на капиталот од ВИ секторот. Но, останувањето на страна значи ризик да се пропушти еден од најголемите „биковски“ трендови во историјата.
Оптимистичкото сценарио за 2026 година се заснова на прогноза за огромен раст на заработката или заработка по акција од аналитичарите на “вол стрит” од 15% — бројка повисока од речиси секој период во последната деценија, со исклучок на годините поттикнати од државни стимулации во 2018 и 2021 година. Овој раст не е само надежна претпоставка, тој е изграден на тезата дека продуктивноста поттикната од ВИ ќе продолжи да ги турка нето маржите од нивниот сегашен рекорд од 13% кон проектираните 14%. Иако овие податоци мора да ги земеме со резерва — со оглед на тоа колку голем дел од работата ја вршат компании како Nvidia и Microsoft — податоците сугерираат дека сè уште постои пат нагоре.
На крајот на краиштата, по три години со приноси од 10%+, претпазливоста е единствениот рационален став. Дали 2026 година би можела да биде стагнантна или негативна? Апсолутно. Дали би можела да нè изненади со уште една двоцифрена добивка? Исто толку веројатно. Сепак, jас станувам сè поселективен, се оддалечувам од широкиот пазар за да ги најдам специфичните можности каде што сè уште постои вредност.
Стратешки избори за годината што претстои
Иако препорачувам претпазливост, постојат специфични области каде што гледам значителна вредност во 2026 година:
1. Финансиски столбови: Внимателно ги набљудувам Visa (V) и Mastercard (MA). Двете компании имаа послаби резултати во 2025 година бидејќи стравот од рецесија влијаеше негативно. Тргувајќи по поразумни историски вреднувања со очекуван двоцифрен раст на заработката по акција (EPS), иако до одредена мера загрозено од најавата не Трамп за кратење на нивните приходи преку намалување на трансакциските трошоци, тие нудат солидна влезна точка по „фер цена“.
2. Пресврт кај недвижностите: По поразителната 2025 година, станувам оптимист за недвижностите. Како што патот на ФЕД кон пониски каматни стапки станува појасен, потиснатите вреднувања треба да почнат да растат. Подобрувањето на паричните текови и ротацијата подалеку од паричните пазари би можеле да ги направат високоприносните REIT-ови изненадувачки победници во 2026 година.
3. Столбовите на ВИ: Очекуваме технолошкиот и комуникацискиот сектор повторно да бидат предводници по приноси во 2026. ВИ се движи подалеку од возбудата (hype) и преминува во секојдневна употреба. Продолжувам да го фаворизирам Google поради неговата доминација во пребарувањето, Amazon и Microsoft поради нивната (cloud) инфраструктура и Meta поради нејзиниот супериорен екосистем за таргетирање реклами. Останувам скептичен кон Apple (AAPL), гледајќи ги како потенцијален заостанувач во оваа конкретна трка, барем моментално.
Заклучок за инвеститорите
Влегуваме во 2026 година со високи вреднувања, но со неверојатно силни очекувања за заработка. Иако е примамливо да се повлечете на страна и да се гледа брановитиот океан стоејќи сигурно на плажата, ризикот од пропуштање на уште еден „биковски“ тренд често е поголем од ризикот од корекција. Јас останувам инвестиран, останувам селективен и го оставам циклусот на продуктивност воден од ВИ да се развива до крај.
Повеќе трудете се да бидете подготвени за иднината што доаѓа, отколку да се трудите да ги предвитете трендовите.
д-р(к.) Васко Костов, Хајделберг Факултет во Скопје
*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор
