ПЛАТИ ДО 11.000 ЕВРА И НЕДОСТИГ НА РАБОТНИЦИ: Швајцарија бара 20 илјади луѓе - еве кои професии се најбарани
Додека голем дел од Европа бара подобро платени работни места, една земја нуди можности што ретко се гледаат – илјадници слободни позиции и плати кои достигнуваат и до 11.000 евра месечно. Станува збор за Швајцарија, која и натаму важи за една од најпосакуваните дестинации за работа.
Според податоците на EURES, во моментов има околу 20.000 отворени работни места, што укажува на сериозен недостиг од работна сила. Платите се особено привлечни – во многу професии надминуваат 6.500 евра, додека во специјализирани сектори се значително повисоки.
Најголем недостиг има во здравството. Се бараат лекари специјалисти од областа на педијатрија, гинекологија, анестезиологија и интерна медицина, но и медицински сестри, хируршки техничари и помошен персонал. Голема побарувачка има и во техничките и индустриските занимања – столари, машински работници, металци, како и радиолошки и фармацевтски техничари.
Најмногу можности за работа има во регионите околу Цирих, централна Швајцарија и северозападниот дел на земјата. Позициите се нудат како постојано вработување, но и како флексибилни ангажмани.
Просечната месечна плата во Швајцарија изнесува околу 7.400 евра. Во ИТ и телекомуникацискиот сектор платите можат да надминат 9.700 евра, додека во финансискиот и осигурителниот сектор достигнуваат и до 10.800 евра месечно.
Сепак, работата во Швајцарија не е лесно достапна. Повеќето позиции бараат високо образование и релевантно работно искуство. Познавањето на јазик, особено германскиот, често е клучен услов, а неопходно е и добивање работна и престојна дозвола.
Исто така, земјата нема единствена минимална плата на национално ниво – висината на приходите зависи од секторот, колективните договори и различни одбитоци.
И покрај предизвиците, Швајцарија останува магнет за работници од цела Европа кои бараат повисоки примања и подобри услови за работа, но успехот таму бара сериозна подготовка и квалификации.
Бизпортал.рс