Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пластичните кеси ќе поскапат, но дали граѓаните ќе се откажат од нив?

Пластичните кеси ќе поскапат, но дали граѓаните ќе се откажат од нив?

Иако е најавено поскапување на пластичните кеси, сепак граѓаните не се сигурни дали оваа мерка ќе ги смени навиките на населението и ќе помогне за почиста околина.

За нешто повеќе од два месеци, цената на овие кеси ќе скокне на 15 денари.

„Дури и ако чинат 15 денари, дел од граѓаните ќе ги употребуваат и нема целосно да бидат исфрлени од употреба. Мене лично не ми е проблем и повремено практикувам да носам и торба на пазарење. Ако се работеше за сума од 50 денари, сметам дека многу луѓе ќе се замислеа дали ќе земат пластична кеса во маркет. Инаку, точно е дека загадуваат, и дека на многу јавни површини можеме да видиме фрлени кеси. Глетката не е убава“, вели Станка Петковска, пензионерка.

Професорот по биологија и поранешен екологист, Нестор Јаулески вели дека цената на пластичните кеси треба да биде повисока, за да граѓаните се откажат од нивна употреба или пак целосно да се забранат.  Додава дека како замена може да се употребуваат кеси од природни материјали, или на пазарење да се оди со торби.

„Не е само да се изгласа некој закон, туку треба да има одговорност, и тој да се спроведува. Јас сум пробал со биоразградлива кеса, ја ставив во мојата градина, ја покрив со земја за да видам дали ќе се распадне, но тоа не се случи. Таа ни малку не се распадна, а пак пластичните кеси многу тешко се распаѓаат. Бидејќи сум во наставен процес, можам да кажам дека младите имаат желба, свесни се за последиците и потребата од зачувување на околината, но немаат поддршка од возрасните и од  системот. Ние ако сакаме да ни биде убаво и чисто, тоа ќе го направиме“, вели Јаулески.

Пластичните кеси од 1 декември ќе се наплаќаат по 15 денари. Собранието ги усвои Законите за управување со отпадот, за управување со пакување и отпад од пакување, за управување со дополнителни текови на отпад и за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Според новите закони, покрај другите промени, од 1 декември 2021 година пластичните кеси кои граѓаните ги купуваат по продавници ќе чинат 15 денари, со што треба да се дестимулира купувањето на ваквите производи што ја загадуваат околината.

И во странство се преземаат мерки за што е можно помала употреба  на овие кеси. Во Германија од јануари 2022 година употребата на пластичните кеси ќе биде забранета. Нивното искуство покажува дека откако од 2015 година почнаа пластичните кеси да се наплаќаат, во Германија употребата на кеси се намали за 64 проценти. Во Франција и Италија се форсира употреба на еко кеси. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести