Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПЛАЌААТ, А НЕ МОЖАТ ДА ДОБИЈАТ УВЕРЕНИЕ ЗА СМЕТКОВОДИТЕЛИ - ИСОС ги „заглави“ фирмите бидејќи нема претседател веќе неколку месеци

ПЛАЌААТ, А НЕ МОЖАТ ДА ДОБИЈАТ УВЕРЕНИЕ ЗА СМЕТКОВОДИТЕЛИ - ИСОС ги „заглави“ фирмите бидејќи нема претседател веќе неколку месеци

Фирмите во земјава кои сакаат да вработат сметководител, или, пак, стручњаците од оваа област кои имаат намера да отворат свое сопствено сметководстверно биро, не можат тоа да го сторат веќе неколку месеци, од причина што институцијата што ги издава потребните уверенија, ИСОС нема претседател, а единствено претседателот може да биде потписник на нивните документи.

Овој проблем во разговор за Фактор го изнесе Оливер Станоевски, сопственик на фирмата „Станиоли“, трговско претпријатие за производство, промет и интелектуални услуги, кое постои уште од 1989 година.

Институтот за сметководство и овластени сметководители, ИСОС, нема претседател уште од јули оваа година. Тоа значи дека оттогаш оваа институција нема потписник на уверенијата што тие ги издаваат, но и на сите други документи што произлегуваат од неа.

Од друга страна, пак, како што објаснува Станоевски, било која компанија во земјава да сака да вработи сметководител, тоа може да го направи само доколку тоа лице го добие потребното уверение од Институтот на овластени сметководители. За тоа компаниите на сметка на ИСОС потребно е да уплатат по 1.000 денари.

„Порано овие уверенија ги издаваше Министерството за финансии, но потоа оваа задача се префрли на ИСОС. Доколку ви е потребно да вработите во компанијата сметководител, или, пак, доколку некој сака да отвори сопствено сметководствено биро, за тоа е неопходно да се добие уверение за овластен сметководител од ИСОС. Кога јас сакав да вработам сметководител во мојата фирма, се јавив во ИСОС, каде што ми рекоа дека на нивната сметка треба да се уплатат 1.000 денари, а тие за 30 дена ќе го изготват потребниот документ, односно уверението. Но, и по 30 дена кога ги уплатив тие 1.000 денари, тие не ми го дадоа уверението. Нивното образложение е дека немааат претседател и нема кој да го потпише уверението, а како причина односно проблем за целата ситуација ми го посочија Министерството за финансии, дека наводно оттаму не сакаат да назначат претседател на ИСОС“, објаснува Станоевски во разговор за Фактор.

Тој се обратил за овој проблем и во Министерството за финансии, но, оттаму му било кажано дека кај нив воопшто не е проблемот, бидејќи ИСОС е оној што треба да си назначи претседател, а од Министерството за финансии тој избор треба само да го потврдат. Но, како што рекле од МФ, од ИСОС не назначувале свој претседател.

Овој проблем, како што вели Станоевски, го имаат сите фирми кои сакаат да вработат сметководител, или да отворат своја фирма, односно сметководствено биро кое ќе се занимава со таков тип на услуги.

Негова претпоставка е дека најмалку 500 до 600 фирми веќе уплатиле по илјада денари за потребните уверенија, но не ги добиле.

„Претпоставка е дека таму на сметката лежат околу 7.500 до 8.000 евра за потребните уверенија, но не можат да се искористат, бидејќи нема претседател и нема кој да ги потпише уверенијата“, објаснува Станоевски.

Се претпоставува и дека поради тоа што нема претседател и потписник на сметката на ИСОС, тамошните вработени не можат да земат плата.

Инаку, порано за да се добие уверение за овластен сметководител, како што вели Станоевски, се полагаше и дополнителен испит, а сега тоа не е потребно. Но, мора на сметката на ИСОС да се уплатат по 1.000 денари, а барателот треба да има Економски факултет 4 степен – финансиски смер, потоа уверение за државјанство, но и најмалку пет години искуство односно работење во финансискиот сектор, со потпис од одговорното лице од компанијата каде што работел.   

Фактор се јави и на телефонскиот број од ИСОС, од каде ни потврдија дека од јули наваму не се издаваат уверенија за овластен сметководител. Причина за тоа, како што наведоа, е фактот што Институтот нема претседател, бидејќи му е истечен мандатот, а нов не е назначаен.

Фактор праша зошто не назначуваат претседател со месеци, на што првично од ИСОС ни рекоа дека ќе ни се јават и отворено и детално ќе ни раскажат за причините, но се до подготовката на овој текст таков телефонски повик не добивме.

Нина Нинеска-Фиданоска

Слично

Поврзани вести