Пивара „Скопје“ лани продала пиво и сокови за 52,8 милиони евра!
За маркетинг и трошоци поврзани со продажба компанијата лани потрошила над 9 милиони евра! Реализацијата од продажби лани била околу 50 милиони евра, а профитот 12 милиони евра!
Пивара „Скопје“ лани оствари нето добивка од 737,2 милиони денари, а имала реализација (н.з. приход од продажба) во износ од 3,265 милијарди денари, покажуваат податоците од ревидираниот финансиски извештај за 2014 година, обајвен на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност.
Официјалните податоци покажуваат дека Пивара „Скопје“ лани на акционерите (најголем е „Кока Кола“) им исплатила дивиденда во износ од 694,1 милиони денари (над 11 милиони евра) за успешното работење во 2013 година.
Податоците од билансите покажуваат дека пиварата чии заштитни брендови се пивото „Скопско“ и „Кока Кола“ лани имала пад на реализацијата за 166 милиони денари (2,7 милиони евра) во споредба со 2013 година, а приходите лани изнесувале над 50 милиони евра. Но и покрај тоа компанијата успеала да ја зголеми добивката во однос на 2013 година и тоа за 43,1 милиони денари до износ од 737,2 милиони денари (околу 11,93 милиони евра).
Од билансите може да се забележи дека значајна расходната ставка на Пивара „Скопје“ се трошоците за маркетинг и за продажба. Тие лани изнесувале 525,4 милиони денари (над 9 милиони евра) и во споредба со 2013 година се поголеми за 27,3 милиони денари (околу 450.000 евра). Најголема расходна ставка на пиварата се трошоците за производство и тие лани биле 1,75 милијарди денари и биле пониски за 278,6 милиони денари од трошоците за производство во 2013 година.
Заради намалените трошоци компанијата во делот на основната дејност остварила и поголема бруто добивка од лани и тоа во износ од 1,5 милијарди денари кои по одбивањето на административните трошоци и расходите за маркетинг и продажба се намалила до износ од 737,2 милиони денари.
Иако не голема, сепак значајна ставка во приходната структура на компанијата се и финансиските приходи. Тие лани изнесувале 51,4 милиони денари и биле за 10 милиони денари повисоки од истите во 2013 година.
Слично
