Писмо од читател: Може ли домаќински да се решат проблемите со Топлификација?
Во просториите под мојот стан веке 15 години нема греење .Тоа се деловни простории на фирми кои се под стечај и со години никој не ги користи и нормално е да го исклучат парното греење. Тоа се одразува и тоа како на затоплувањето кај мене во станот.
Јас морав со години да се загревам и со грејни тела на струја и да имам дополнителни трошоци. Според старите правилници требаше исклучените станови да плаќаат 50% од износот на нивната месечна сметка затоа што се исклучени и не ги греат просториите односно да ги надокнадат загубите на енергија на Топлификација, а тука е и влијанието на исклучувањето врз околните станови.
Тоа значи дека Топлификација си ја надокнадувала својата загуба. А, кој мислел на мене за сите овие години. Сигурно мојот случај не бил предвиден во правилникот. Да имаше некоја правда ке мислеше некој и на мене. Јас ке добивав помала сметка заради тоа што сум јас најоштетената во овој случај. Становите на погорните катови беа далеку повеке загреани од мојот, а плаќавме исти сметки секој месец и едноставно ги замарав кога се жалев.
Кога им најавив дека ке се исклучам од парното се вознемирија, велејќи дека сега нив ке им било ладно ако јас не загревам доволно. Значи бев добра кога мене ми беше ладно и кога имав дополнителни трошоци. Тоа е нашиот менталитет се додека на некој му е добро не го интересираат проблемите на другиот, а кога е и тој засегнат тоа е веќе нешто друго. Кога се живее во колективна зграда нели на сите треба да ни е добро.
Го реновирав станот, ставив нови прозори, но проблемот не го решив . Повторно ми беше ладно дома поради незагреаните простории под мојот стан. Никој немаше слух за моите проблеми.
Станот во кој што живеам е со грејна површина од 85 квадрати. Во јули месец се исклучив од Топлификација. До тогаш плакав секој месец 6.100,00 денари и со покачувањето од 5 %, да не го исклучев парното, сметката ќе ми изнесуваше 6.400,00 денари .
Овој месец добив сметка како и сите исклучени од системот на Топлификација на износ од 900,00 денари за половина месец .Тоа значи дека за цел месец сметката ке ми изнесува 1.800,00 денари. По првичните изјави на Топлификација требаше сметката да ми изнесува 85 м х 10 ден. = 850 денари месечно, а истото бев спремна и да го плаќам.
Излегува дека треба да плаќам скоро 30 % од износот на сметката која би ја плаќала доколку не го исклучев парното. Пак нема правда за мене. Не знам до кога вака. Коментирите на некои се ”нека си ги продадат становите нека купат помали“. Не е лесно да си заминеш од местото каде што те врзуваат спомени и кај што си го поминал поголемиот дел од животот. Со тоа не се решаваат проблемите. Во тој случај некој друг ке ги купи со купувањето на мојот стан и моите горенаведени проблеми.
Комшиите кои што не се исклучија од Топлификација и кои на почеток ми замерија што се исклучив од причини кои на сите ви се познати сега кога влегуваат кај мене во топол стан во време кога нивните радијатори се ладни коментираат само едно – и ние ке се исклучиме во наредната грејна сезона. Да не зборувам за тоа дека трошоците за струја со која што се загревам на годишно ниво ке ми бидат далеку помали од трошоците кои ги имав до сега.
И цело време се прозиваат старите згради кај што има вертикална инсталација. Остана неразјаснето дали новите згради, кај кои инсталацијата на цевките за парно греење е хоризонтална и во кои се вели дека ”нема загуба на топлинска енергија”, ке останат привилегирани. Тоа воопшто никаде не се споменува ниту се коментира. Кај нив голем дел од становите уште при купувањето на станот по нивни избор се вклучени или не на парно греење. Да не давам примери за некои кои во истите згради не се приклучени во Топлификација и бидејки од сите страни граничат со станови кои се приклучени на парно греење со минимални трошоци ја поминуваат зимата. Се сомневам дека тие ќе добијат сметки од 10 ден. квадрат . За нив има други правила во иста држава.
Немам ништо против Топлификација. Не е работата во тоа сите да се исклучиме. Во Топлификација сите ние индиректно преку нашите сметки со години сме инвестирале. Таму е вложен огромен капитал. Во Топлификација има вработени кои што исто така треба да живеат и да земаат плата. Тоа се наши роднини, пријатели, деловни соработници. Тие не се наши непријатели. Штета е таква фирма да пропадне. Јас сум спремна повторно да се приклучам во секое време, но некој да седне и навистина домаќински да ги реши проблемите кои ги засегнуваат сите корисници .Кога мислам на проблемите мислам и на висината на сметките кои ни се доставуваат секој месец. Треба да се има слух и за поединечни проблеми, со еден збор, сите да бидеме задоволни.
Се извинувам за мојот опширен коментар но се надевам дека сето ова ке допре до некој. Ако се решаваат проблемите и ако се менува правилникот за енергетика, нека се направи како што треба.
Дана, Скопје
Рубриката ПИСМА НА ЧИТАТЕЛИ, ФАКТОР ќе ја практикува и во иднина, во зависност од Вашиот интерес да ни пишувaте. Ние ве охрабруваме да обработувате економски теми и теми од вашето секојдневно живеење кои имаат допир со економијата. Напоменуваме дека содржината на текстовите во рубриката ПИСМА НА ЧИТАТЕЛИ не секогаш е во согласност со уредувачката политика на ФАКТОР. Го задржуваме правото технички и лексички дa интервенираме во текстот и во насловот, без да ја менуваме суштината и содржината на напишаното.
Ваш, ФАКТОР
Слично
