Писмо од 84 организации до меѓународната заедница
84 организации испратија отворено писмо до меѓународната заедница, поточно го упатија на адреса на Претседателот на Европската комисијаЖан-КлодЈункер; Потпретседателката на Европската комисија и високапретставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини; Делeгација на ЕУ воМакедонија; Пратеници во Европскиот парламент; Раководителот на Сениорската експертска група - Рајнхард Прибе; Мисијата на ОБСЕ воСкопје; Амбасадите на сите држави-членки на ЕУ кои имаат свои претставништва во Македонија; Амбасадата на САД.
Во писмото, организациите најнапред упатија благодарност за јавно искажаната поддршка награѓанското општество и на неговите напори за унапредување на демократскиот развој на Република Македонија, кој не е можен без фер и слободни избори.
Ви го пренесуваме во целост:
Почитувани,
Најнапред, ви се заблагодаруваме за јавно искажаната поддршка на граѓанското општество и на неговите напори за унапредување на демократскиот развој на Република Македонија, кој не е можен без фер и слободни избори.
Се согласуваме дека Република Македонија има скршнато од патот кон демократијата и дека единствен начин да се врати на тој пат е исполнувањето на сите итни реформски приоритети кои ги вклучуваат и експертските препораки од „Извештајот на Прибе“.
Се согласуваме дека преостанува најголемиот дел од работата за исполнување на минималните услови за „веродостојни избори“: прочистување на избирачкиот список, спречување на сите видови заплашувања или притисоци на гласачите, како и обезбедување правично медиумско покривање. Сакаме да истакнеме дека не е доволен само извесен прогрес во изборните реформи, за да се создадат услови за надминување на политичката криза, туку е потребен и значителен прогрес во реформите и во другите сфери: владеењето на правото и фундаменталните права, деполитизирањето на јавната администрација и слободата на изразувањето.
Ние не бевме сведоци на вистински реформи кои требаше да доведат до создавање услови за надминување на политичката криза во Република Македонија, ниту на конструктивен политички дијалог меѓу власта, опозицијата и граѓанското општество.
Токму затоа над 75 граѓански организации на 14 и 28 јануари упатија писма до претставниците на ЕУ и САД барајќи ДА СЕ СПРОВЕДАТ ВИСТИНСКИ РЕФОРМИ ЗА ФЕР И СЛОБОДНИ ИЗБОРИ.
Почитувани,
Наша одговорност како граѓански организации е да укажеме декане само што не е постигнат очекуваниот напредок во решавањето на проблемите посочени во писмата од 14 и 28 јануари 2016 година, туку се забележува и сериозно уназадување во владеењето на правото и поделбата на власта, изразена преку политичко самоволие и узурпација на законодавната и судската власт од страна на извршната власт. Едностраната одлука за распуштање на Собранието со одложено дејство е неуставен чин, кој во исто време е и спротивен на принципите за консензус утврдени во договорот од Пржино. Згора на тоа, Уставниот суд, во крајно нетранспарентна и итна постапка, му овозможи на Претседателот да помилува сторители на кривични дела во врска со изборите. Таа можност тој ја искористи на 12 април 2016 година и помилува 56 лица најголем дел од нив највисоки владини службеници меѓу кои и Никола Груевски- лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и неговите најблиски соработници. Ова укажува дека владејачката партија спроведува валкан план за целосно поништување на Договорот од Пржино, но и за темелно подривање на правниот и политичкиот систем на Република Македонија со само една цел- неказнето да продолжат да владеат во беззаконие.
Контроверзните одлуки на Кривичниот суд и Апелацискиот суд во врска со отворените истраги на Специјалното јавно обвинителство укажуваат на висок степен на зависност на судството од интересите на владејачките партии и на привилегиран третман на осомничените за изборен криминал.
Постојаните опструкции на работата на Специјалното обвинителство претставуваат упад во неговата независност во истражувањето и гонењето кривични дела поврзани и произлезени од содржината на неовластеното следење на комуникациите. Секојдневното попречување на работата на Специјалното јавно обвинителство, проследено со невидена медиумска хајка, оневозможи брза и ефикасна истрага за укажувањата за криминал, констатирани во Извештајот на Прибе.
Нема никаков напредок во парламентарниот надзор над УБК, чија концентрација на моќ беше посочена како главен генератор на скандалот со прислушувањето. Претседателот на Комисијата за надзор над работата на УБК изјави дека немале можност за суштинска контрола врз техничките капацитети во УБК затоа што не им биле доставени ни минимум информации за тоа каква опрема поседува.Претседателот на собраниската анкетна комисија за скандалот со прислушувањето ја прогласи за неуспешна работата на оваа комисија, посочувајќи дека причина за тоа се бојкотот и блокадата од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Во борбата против политичката корупција (која беше оценета како најголем проблем во „Извештајот на Прибе“) нема видливи резултати, туку видливо назадување. Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата имаше скандалозен јавен настап со кој ги попречи напорите на медиумите да направат споредба помеѓу анкетните листови на поранешниот премиер, ставајќи се во улога на негов јавен бранител.
Граѓанските организации неодамна укажаа на многу случаи на притисоци врз лица вработени во јавните институции и лица кои допрва треба да се вработат. Зачестеноста и интензитетот на притисоците се зголемуваат со наближување на изборите. Во голем број општини е констатирано непочитување на принципот на одвојување на државата и партијата, злоупотреба на службената положба и злоупотреба на државните ресурси. Непочитувањето на принципот на одвојување на државата и партијата е најдрастично во однесувањето на поранешниот премиер, кој и понатаму ги злоупотребува државните ресурси, издавајќи им задачи на министрите, во функција на неговата предвреме започната кампања.
Владејачките партии продолжуваат да ја играат улогата на главен уредник на вестите во медиумите кои ги корумпираат и контролираат. Засилено продолжува политичкиот притисок и заплашувањето, како и говорот на омраза и поттикнувањето насилство не само спрема критичарите на власта, туку и спрема Специјалното јавно обвинителство. Владејачките партии одбија да расправaат за измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, иницирани од петте новинарски и медиумски организации и поддржани од Европската Унија и Соединетите Американски Држави.
Не се испочитувани ни конкретните експертски препораки кои требаше да овозможат и да гарантираат фер и слободни избори, затоа што: а) нема судска, ниту политичка разрешница за директното политичко влијание во изборните манипулации; б) ДИК (чие конституирање доцнеше четири и пол месеци) ги нема истражено обелоденетите нерегуларности од претходните избори; в) сèуште не се адресирани сите недостатоци што беа констатирани во избирачкиот список во кој граѓаните сè уште имаат ниска доверба.
Почитувани,
Во светло на општата аболиција од претседателот Иванов од 12 април, сметаме дека е неопходно итно повлекување на оваа одлука и поднесување на оставка од страна на Ѓорѓе Иванов, претседател на Република Македонија. Исто така, очекуваме повторно свикување на Собранието на Република Македонија и негова одлука за одложување на изборите на 5 јуни на неопределено време и ангажман за составување преодна влада која ќе ги спроведе потребните реформи пред одржувањето на кои било следни избори.
Влошувањето на политичката криза поради неисполнувањето на реформските приоритети длабоко нѐ загрижува и ние сме убедени дека инсистирањето на 5 јуни како датум за одржување на предвремените избори ќе придонесе за нејзино драматично продлабочување и оддалечување на Република Македонија од ЕУ. Затоа бараме од Вас да ја реафирмирате неопходноста од исполнување на итните реформски приоритети како предуслов за утврдување датум на избори.
Без исполнувањето на условите за слободни, фер и демократски избори, што подразбира нужно одложување на постојниот датум, ние како граѓански организации немаме друга опција освен да повикаме на бојкот на изборите доколку бидат распишани за 5 јуни и напротести против режимот кој продолжува да ги гази демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија.
Организациите се од градовите ширум земјава и од Скопје.
