ПИСМА НА ЧИТАТЕЛИ: Велат дека ќе биде грч…
Навидум нормални, образовани, цивилизирани семејства. Налик на оние од “средна“ класа. Чиниш - живеат исто така нормален, цивилизиран, пристоен живот. И оваа перцепција се урна кога едно утро, под мојот прозор го слушнав звукот на “пиланата“ .
Машината бесно ги сечеше трупците, што оваа зима треба да завршат во ќумбето на едно од семејствата што живеат во шесткатната зграда. И тоа не беше било кое семејство, туку едно од оние што се сметаат за подобро ситуирани. Сите се вработени, што би требало да значи заработуваат, имаат за живеачка. Чуму тогаш маката со трупците? Да не сакаат луѓево малку “филмски“ да си ја минат зимата, камин, романтика , природна топлина во станбена зграда? Парно во овој дел од градот нема, инсталациите на “моќните“ толификациски компании сеуште не стасале до сите населби во метрополата. Како опции за греење остануваат - дрва и струја. Едно е јасно, соседите си најдоа начин како, не да ги намалат, туку во најдобар случај да ги одржат приближно исти месечните трошоците барем за електрична енергија.
Неколку спратови подолу уште едно семејство со иста причина ама со различен рецепт како да и се пркоси на реалноста, онаа со дебелите сметки за струја. Па, така од едно, станбената територија ја запоседнаа 3 семејства. Сите во ист стан, деца, родители, баби, дедовци... Генерациски микс . Ама нели – целта ги оправдува средствата, а во случајот, цел се, нели сметките за струја.
Она што е страшно, е фактот дека струјата станува луксуз не само за оние што не работат, туку не можат да ја платат и оние што заработуваат. Не, не е проблемот во цената на струјата, храната, комуналиите. Проблемот е во стандардот, во платите. Без да навлегувам во статистичките мерења ќе посочам само еден тренд: додека секој месец се регистрираат по три, четири, пет проценти пораст на животните трошоци - раст на платите нема . Просечната нето плата во јули изнесувала точно 20 781 денар и била за за 0,2 отсто пониска од јулската во 2011 та година. И наместо Синдикатот секој месец, на својата интернет – страна да ни пресметува како ги трошиме овие “просечни“ плат , треба да ја пресипита својата одлука за целосно игнорирање на граѓанските иницијативи (без разлика од која асоцијација доаѓаат) за спротиставување на поскапувањата и битката за подостоинствен стандард. Не треба синдикатот да заборави дека освен “работници“, неговите членови се и “граѓани“.
А работниците, граѓаните. така “окрупнети“ по дома, со “цепени “ дрва по подруми и тераси – ќе бараат чаре и за оваа зима . Велат дека ќе биде грч – до минус 30 степени...
К.Д. читателка од Скопје
името и презимето познати на редакцијата
Рубриката ПИСМА НА ЧИТАТЕЛИ, ФАКТОР ќе ја практикува и во иднина, во зависност од Вашиот интерес да ни пишувaте. Ние ве охрабруваме да обработувате економски теми и теми од вашето секојдневно живеење кои имаат допир со економијата. Напоменуваме дека содржината на текстовите во рубриката ПИСМА НА ЧИТАТЕЛИ не секогаш е во согласност со уредувачката политика на ФАКТОР. Го задржуваме правото технички и лексички дa интервенираме во текстот и во насловот, без да ја менуваме суштината и содржината на напишаното.
Ваш, ФАКТОР
Слично
