„Пиреја“ ги презема кипарските банки!
За да се заштитат депозитите во двете банки, грчката банка „Пиреја“ ќе изврши апсорпција на грчките филијали на „Банката на Кипар“ и „Кипарската Популарна банка“. Вака одлучи грчкиот Фонд за финансиска стабилност (ХФСФ). Третата по големина кипарска банка „Хеленик банката“ ќе остане да работи самостојно.
Како резултат на оваа одлука, филијалите на двете кипарски банки во вторник повторно ќе почнат со работа како дел од „Банката Пиреја“, откако беа затворени повеќе од една седмица, пренесоа грчките медиуми.
Претставници на „Пиреја“денеска во Кипар ќе го потпишат договорот за апсорпција на филијалите, а се најавува и дека филијалите ќе почнат со работа во вторник, бидејќи понеделник е неработен ден.Со оваа аквизиција, „Пиреја“ додава кредитно портфолио од 19,5 милијарди евра и депозити од 12,5 милијарди евра, мрежа од 289 филијали и околу 5.100 вработени. Вака „Пиреја“ станува вториот по големина столб во кредитниот систем во Грција, пред „Алфа“, со средства од повеќе од 100 милијарди евра, кредитно портфолио од 70 милијарди долари и депозити од 52 милијарди евра.
