ПИЛОТИТЕ НА ЛУФТХАНЗА ОД УТРЕ ПАК ШТРАЈКУВААТ, бараат повисоки плати
Пилотите на германската авиокомпанија Луфтханза повторно ќе штрајкуваат оваа недела, соопшти денеска Синдикатот на персоналот за летови, пренесува Ројтерс.
Соопштението доаѓа по минатонеделниот штрајк на пилотите поради кој, компанијата беше принудена да откаже стотици летови.
Синдикатот на персоналот за летови Vereinigung Cockpit (VC), кој обединува повеќе од 5.000 пилоти, соопшти дека пилотите на патничките линии ќе штрајкуваат во среда и четврток, а оние на карго летови од среда до петок.
Пилотите бараат зголемување на платите за 5,5 отсто оваа година и автоматско прилагодување на платите на инфлацијата во наредниот период, наведува Ројтерс.
Луфтханза соопшти дека исполнувањето на барањата на синдикатот ќе ги зголеми трошоците за 40 отсто или околу 900 милиони евра во следните две години.
Авиокомпанијата понуди вкупно 900 евра повеќе основна плата месечно во две фази во текот на 18 месеци, што според неа ќе резултира со повеќе од 18 отсто повисоки плати за почетни работни места и пет отсто повисоки плати за високи позиции.
Барањата на синдикатот се совпаѓаат со порастот на цените на енергијата и храната и доаѓаат во време кога инфлацијата во Германија се искачи на највисокото ниво во речиси 50 години.
