Економија, финансии, бизнис

Контакт

Петти локални избори во независна Македонија

Петти локални избори во независна Македонија

Денеска во Македонија се одржуваат петтите локални избори по независноста на земјата. Се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Гласачките места беа отворени утрово во 7 часот, а гласањето ќе трае се до 19 часот, кога се затвораат избирачките места.

На 2.976 гласачки места за 350 кандидати за градоначалници и за 480 листи за советници својот глас треба да го дадат 1.743.403 граѓани.  За Советот на Град Скопје и за градоначалник на Град Скопје своето право на глас можат да го искористат 443.770 граѓани запишани во Единствениот избирачки список на 536 избирачки места.

Според Државната изборна комисија, изборите ги мониторираат 410 странски и 8.379 домашни набљудувачи.

Општинската Изборна Комисија,  односно изборната комисија на градот Скопје резултатите од гласањето ги пресметува врз основа на записниците со сумираните резултати од избирачките одбори и целокупниот изборен материјал. Резултатите се утврдуваат според бројот на гласовите што ги добиле листите на кандидати за членови на советот односно за градоначалник, одделно врз основа на сумираните резултати од избирачките одбори.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето. Втор круг ќе се одржи во општините каде ниту еден кандидат за градоначалник не го добил потребното мнозинство гласови, а се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.

Ова се петтите локални избори во Македонија по независноста. Првите се одржаа во 1996, во 2000, во 2005, а последните во 2009 година.

Слично

Поврзани вести