Економија, финансии, бизнис

Контакт

Петрушевска: Познавањето кинески јазик е голем плус при вработување

Петрушевска: Познавањето кинески јазик е голем плус при вработување

Дваесет и пет годишната Драгана Петрушевска од Скопје, студент на англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“  веќе две години го изучува кинескиот јазик и вели дека тоа за неа ќе биде голем плус при вработување затоа што малкумина го владејат овој јазик. 

Таа објаснува дека кинеската економија е меѓу најмоќните, и верува дека кинескиот јазик ќе биде се попопуларен  во светот. За Петрушевска кинескиот е јазик на иднината, а веќе имала и можност практично да го примени јазикот. 

„Случајно дознав дека има можност да се изучува јазикот, и тоа токму во институтот Конфуциј, па одлучив да се обидам и да започнам со часовите. Часовите беа интересни, особено затоа што професорите се од Кина и затоа продолжив и втората година, а сега и и трета година. Изучувањето на кинескиот ми беше и уште ми е предизвик. Јазикот е различен од сите останати кои сум ги изучувала претходно и дефинитивно многу поинаков од македонскиот или англискиот. Освен тоа, кинескиот е стар јазик кој се зборува одамна и тоа од огромна маса на луѓе. Секако, со јазикот се учи и културата, која дефинитивно е уникатна. Освен учењето на јазикот, преку институтот бев примена да учествувам на летен камп во Кина летово и поминав две недели во Ченгду“ - раскажува Петрушевска. 

Таа смета дека кинеската култура продира на Запад, па и во Македонија и во иднина ќе се зголеми потребата од познавање на кинескиот јазик. Петрушевска објаснува дека совладувањето на кинескиот јазик е тешка задача и бара голема посветеност. 

„Изучувањето оди полека затоа што паралелно се учат и знаците, покрај граматиката и вокабуларот. Треба да се работи многу, на часовите, но и дома, доколку сакате да напредувате бргу. Ми се допаѓа тоа што часовите од институтот Конфуциј се држат од страна на кинески професори, па тоа го забрзува учењето. Ми се чини дека младите повеќе се фокусираат на изучување јазик кој им е полесен или од кој имаат лична корист, но со текот на времето ќе се зголеми и интересот за кинескиот. Сепак, многумина денес претпоставувам дека воопшто не знаат дека може да го учат кинескиот јазик во Македонија. Веќе работам во европска организација и познавањето на повеќе странски јазици, меѓу кои и основното познавање од кинескиот, ми беше предност при вработувањето“ - рече Петрушевска. 

Кинескиот јазик има над милијарда говорители во светот и се смета за еден од најтешките јазици за изучување. 

С.А. 



Слично

Поврзани вести