Економија, финансии, бизнис

Контакт

Петрова ја повтори бугарската позиција за европскиот пат на Македонија

Петрова ја повтори бугарската позиција за европскиот пат на Македонија

Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова повторно порача дека напредокот на Македонија кон Европската Унија е поврзан со исполнување на обврските преземени во рамките на преговарачката рамка од 2022 година.

Во изјава за БНТ, Петрова наведе дека за Софија ова прашање се третира како дел од односот меѓу Европската Унија и земја кандидат, а не како класичен билатерален спор меѓу Македонија и Бугарија. Според неа, договореното во 2022 година останува основа врз која треба да продолжи европскиот процес.

Бугарската министерка оцени дека Македонија треба да го искористи сегашниот момент во политиката на проширување на ЕУ, особено во услови кога Црна Гора и Албанија бележат напредок во пристапниот процес.

Слична порака беше испратена и по средбата меѓу Петрова и македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, одржана на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Шведска. Бугарското Министерство за надворешни работи тогаш соопшти дека целосното исполнување на преземените обврски во рамките на европскиот консензус од јули 2022 година останува клучен услов за одржлив напредок на Македонија кон ЕУ.

Од Софија повторно беше нагласено и прашањето за правата на македонските Бугари, кое бугарската страна го смета за важен дел од европскиот процес.

Од македонска страна, ставот останува дека прашањата поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не може да бидат предмет на преговори. Муцунски по средбата со Петрова порача дека треба да се бара решение кое ќе овозможи продолжување на европскиот пат, без задирање во идентитетските прашања.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека Владата очекува разговори со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта за можни идеи за деблокирање на евроинтеграциите. Тој повтори дека македонската позиција нема да се менува без јасни гаранции и без заштита на државните и идентитетските позиции.

Слично

Поврзани вести