„ПЕТОК БЕЗ СВЕТЛА“: Масовен протест против енергетската криза во рестораните ширум Белгија
Многу сопственици
на ресторани во Белгија протестираа поради енергетската криза со исклучување на
светлата во нивните објекти.
На покана на федерацијата Хорека, која ги претставува сопствениците на хотели, ресторани и кафулиња во Валонскиот регион во Белгија, многу бизниси организираа протест „петок без светла“.
Протестот беше организиран за да се подигне свеста за проблемите кои произлегуваат од енергетската криза, а многу ресторани ги исклучија светилките пет минути во 20:30 часот по локално време.
Ресторанот „La Cuisine du Cote Vert“, во градот Ватерло во близина на Брисел, беше меѓу угостителските објекти кои учествуваа на протестот.
Оливие Пинден, менаџер на ресторанот, изјави дека ја исклучиле струјата во знак на протест бидејќи цените на енергијата ги погодуваат сите.
Изјавувајќи дека се чувствуваат среќни што имаат клиенти, Пинден рече: „Сепак, многу наши колеги се во тешка ситуација. Затоа се солидаризираме и заедно се бориме против поскапувањето на енергенсите“.
Како што рече, станува исклучително тешко да не се одрази цената на енергенсите на менито. Федерацијата Хорека бара и намалување на придонесите за социјално осигурување за компаниите, намалување на ДДВ и помош за секторот. Во Белгија, цената на струјата и бензинот се зголемија неколку пати, особено со руско-украинската војна.
Во септември, неколку ресторани во Брисел служеа ладно кафе и вечери со свеќи за да се подигне свеста за енергетската криза.
