Петмина службеници ќе одговараат за скандалот со земјиштето кај НБРМ
Петмина вработени во Агенцијата за катастар на недвижности направиле пропусти во постапувањето по предметите за случајот со парцелата кај Народната банка, чија продажба беше поништена, утврдил Секторот за контрола и надзор при Агенцијата.
Против службениците е поднесена иницијатива за дисциплинска постапка, но и пријава до Основното јавно обвинителство поради постоење основано сомнение за извршени кривични дела против службена должност согласно член 361 од Кривичниот законик.
„Двајца државни службеници вработени во Агенцијата, постапувајќи по пријавите за запишување на промените не ги исцртале промените на катастарскиот план веднаш по донесувањето на потврдата за запишување промени, еден државен службеник во постапката на запишувањето на правата направил погрешна идентификација, односно не ги користел податоците од катастарот на недвижностите кои во моментот на постапувањето по барањето биле во важност, еден вработен во постапка при изготвување не ги користел податоците од катастарот на недвижностите кои во моментот на постапувањето по барањето биле во важност, а еден вработен заверил и одобрил со свој потпис копија за нумерички податоци изготвени врз основа на неточни податоци кои што се доставени до Министерството за транспорт и врски“, се објаснува во соопштението од Агенцијата за катастар.
Утврдените пропусти, согласно Законот за државни службеници, претставуваат дисциплински престап - неизвршување односно несовесно и небрежно вршење на службената должност, како и издавање неточни податоци на државните органи, во конкретниот случај на Министерството за транспорт и врски. Со овие пропусти службениците предизвикале потешка повреда на угледот на службата, односно на Агенцијата за катастар на недвижности, стои во соопштението.
Слично
